• сабота, 23 ноември 2024

Објавена книгата „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи

Објавена книгата „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - Во издание на „Бата прес“, објавен е романот за деца и млади „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи. Делото од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова-Стојановска.

Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори. Книгата беше промовирана на годинешниов Саем на книгата во Скопје, на саемите на книги во Битола, Радовиш, Штип, Куманово, како и на манифестациите на ЕУ инфоцентарот во Скопје.

Како што соопштија од издавачката куќа, дејствието во романот се случува во дваесеттите години на минатиот век. Дросос е младо момче кое има тешка судбина. Тој е бегалец и започнува нов живот во Атина. Мора да се снаоѓа во новата средина и постојано да живее со надеж дека еден ден повторно ќе ги сретне мајка му и татко му, кои што се исчезнати. Мора да биде силен и да ја заштити својата сестра Арети. Поради оваа состојба тој мора да најде начин да се соочи со реалноста во која се наоѓа.

Оваа книга е инспирирана од вистински настани, од животот на група бегалци кои живеат во Народниот театар на Атина, во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција.

-Иако оваа книга опфаќа тешки теми како што се загубата, болката и миграцијата, сепак е наменета за деца и млади, бидејќи таа е совршена почетна точка на младите и децата да се соочат со овие теми. Но, оваа книга може да биде и поучна, бидејќи опфаќа и теми како што се сочувството и хуманоста. Книгата ја доби исклучително значајната и популарна светска награда „Бели гаврани“ и националната награда „Кругот на грчки детски книги, се вели во соопштението на „Бата прес“.

Ангелики Дарласи е родена, живее и работи во Атина. Таа дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на Студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија.

Има напишано повеќе книги и има добиено неколку награди во Грција, а и интернационални награди. Како позната писателка и драматург предава креативно пишување и драмски уметности.бт/са/

Фото: „Бата прес“

 

Остани поврзан