• среда, 25 декември 2024

ОБСЕ/ОДИХР ја отвори набљудувачката мисија за претстојните двојни избори, ангажирани 320 набљудувачи

ОБСЕ/ОДИХР ја отвори набљудувачката мисија за претстојните двојни избори, ангажирани 320  набљудувачи

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и чевекови права (ОДИХР) денеска ја отвори набљудувачката мисија во Северна Македонија за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април и парламентарните избори закажани на 8 мај, која се спроведува на покана од властите на земјава.

Шефот на мисијата амбасадорката од Канада Џилијан Стирк на денешната прес-конференција во Скопје истакна дека ова се 22-ри избори во Северна Македонија што ОДИХР ќе ги набљудува. Последните избори коишто ги набљудуваа беа локалните избори во 2021 година.

-ОДИХР работи во согласност со установена методологија за набљудување на избори. Ние сме целосно непристрасни и се засноваме на факти. Во рамките на мисијата ќе се направи проценка дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство. Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај, рече амбасадорката Стирк.

Покрај главниот тим, ќе има група на долгорочни набљудувачи, вкупно 20 лица кои ќе бидат распоредени низ земјата во тимови од по двајца и тоа во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје.

-Ние исто така побаравме и 300 краткорочни набљудувачи коишто треба да пристигнат непосредно пред изборите. Неколку дена пред изборите ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите. Тие ќе дојдат непосредно пред изборите, 24 април и 8 мај, додаде амбасадорката Стирк.

На новинарско прашање дали предоцна беа усвоени препораките на ОБСЕ/ОДИХР што се однесуваат на некои од измени на Изборниот законик, со оглед дека тие беа донесени пред само две недели и дали имаат време институциите да се подготват, шефот на набљудувачката мисија вели дека се уште се во фаза на анализирање.

-Имавме иницијален состанок со ДИК, но ова е нашиот прв работен ден како набљудувачка мисија па почнуваме со овие проценки. Свесни сме за работата и претходните препораки, но се уште не сме направиле целосна проценка. Се уште сме во фазата на анализирање, но секако ова е едно од нештата коишто ќе бидат анализирани во рамките на нашата набљудувачка мисија, односно дали претходните препораки се земени предвид, рече амабасадорката Стирк.

Во однос на тоа дали е навистина зголемен бројот на набљудувачи и имаат ли некакви сознанија дека се очекуваат некакви конфликти, Стирк нагласи дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите по реализираната посета во јануари годинава.

-Има два вида на избори коишто се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број на набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите, вели шефот на набљудувачката мисија, амбасадорката Стирк. вг/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан