• сабота, 23 ноември 2024

Обновени објекти и пристапни патеки до Колешинскиот водопад и Мокринските извори

Обновени објекти и пристапни патеки до Колешинскиот водопад и Мокринските извори

Струмица, 20 април 2023 (МИА) - Обновени се објекти и пристапни патеки до Колешинскиот водопад и Мокринските извори во Општина Ново Село преку проект од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Како што информираа од Центарот, овие туристички локалитети добија нови содржини преку проектот „Туризмот-иднината на регионот“, кој е финансиски поддржан од Бирото за регионален развој.

-Поплочена е патека за искачување до водопадот, поставена е нова ограда на местата каде немаше досега и поправена е веќе постоечката, порамнет и насипен е теренот за паркирање покрај кој е додадена паркинг конструкција за велосипеди, обновнени се постојните летниковци, изработена е нова дрвена платформа, поставени се нови канти за отпадоци, клупи, маси, дрвени патокази и сообраќајни знаци со што на туристите ќе им се овозможи пријатен престој при посета на овие туристички дестинации, информираат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Мокринските извори, пак, се збогатени со нова бетонирана пристапна патека за лицата со посебни потреби, адаптиран е еден летниковец за лесен пристап со инвалидска количка и обележани се паркинг места за истите.

-Покрај оваа содржина дополнително се изградени нови летниковци и поправени се постојните, целокупно се заменети старите реквизити со нови, поставени нови канти за отпадоци, дрвени патокази и сообраќајни знаци, изработена е традиционална македонска фурна која сите посетители можат да ја користат, додаваат од Центарот.

За овие зафати се потрошени 4,6 милиони денари, средства обезбедени од Бирото за регионален развој. рт/дма/

Фото: ЦРЈПР Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан