• петок, 22 ноември 2024

Обложувалниците сега предвидуваат понеизвесна трка за американски претседател отколку пред десет дена

Обложувалниците сега предвидуваат понеизвесна трка за американски претседател отколку пред десет дена

Њујорк, 3 ноември 2024 (МИА) - Водечките светски обложувалници денеска предвидуваат понеизвесна трка за претседател на САД, во споредба со пред десетина дена, кога кандидатот на републиканците, Доналд Трамп, важеше за благ фаворит во дуелот со Камала Харис од владејачката Демократска партија.

Два дена пред претседателските избори во САД, проценките на обложувалниците се речиси идентични со најновите резултати од истражувањето на јавното мислење.

Според квотите, кои обложувалниците континуирано ги ажурираат, Трамп првично беше во водство на почетокот на октомври, а неговата предност постепено се зголемуваше до пред десетина дена. Сепак, од тогаш предноста на Трамп е значително намалена.

Квотите за победа на поранешниот претседател Трамп денеска се движат од 1,8 до 1,83 во водечките облажувалници, додека на победа на потпретседателката на САД, Камала Харис, од 2,00 до 2,10. Тоа значи дека на вложени 1.000 долари исплатата би била од 1.800 до 1.830 долари во случај на победа на Трамп, а од 2.000 до 2.100 долари ако триумфира Харис.

На претседателските избори во САД не победува секогаш кандидатот со најмногу гласови на ниво на целата земја, туку оној кој ќе „собере" најмалку 270 од 538 електори, привремени делегати кои во декември се состануваат за формално да го изберат претседателот. Бидејќи тој чин е формалност, победникот е познат веднаш штом се пребројат гласовите на изборите.

Во секоја од 50 сојузни држави се избира толку електори колку што има членови во Конгресот на САД, додека Дистриктот Колумбија (главниот град Вашингтон) дава три члена на електорскиот колеџ. Кандидатот кој победи во една сојузна држава ги добива сите нејзини електори, освен во Мејн и Небраска.

Победникот е веќе познат во 42 сојузни држави и Дистриктот Колумбија, додека во преостанатите осум "колебливи држави" (swing states) исходот е помалку или повеќе неизвесен. Тоа се Пенсилванија (19 електори), Мичиген (15), Висконсин (10), Невада (6), Џорџија (16), Северна Каролина (16), Аризона (11) и Ајова (6).

Според денешните квоти на водечките обложувалници, Трамп е фаворит во Аризона, Џорџија и Северна Каролина, а Камала Харис во Мичиген. Трамп е фаворит и во Ајова, која од пред неколку дена се смета за „колеблива држава" на овогодишните избори.

Во Невада, Трамп има блага предност, додека во Висконсин, Камала Харис, а во Пенсилванија двајцата кандидати се целосно изедначени (квота за победа на двајцата кандидати е 1,9).

Обложувалниците брзо ги прилагодуваат квотите во зависност од развојот на настаните и новите информации, но и тие можат да погрешат - на претседателските избори во САД 2016 година, кандидатката на демократите, Хилари Клинтон, беше убедлива фаворитка со квота 1,25, додека победникот Трамп практично беше сметан за аутсајдер, бидејќи квотата за неговата победа беше 4,00.

Сепак, постојат и тврдења дека обложувалниците подобро предвидуваат исход на изборите кога разликата помеѓу кандидатите е минимална како оваа година, отколку кога некој е фаворит, како во 2016 година.

Кога се во прашање истражувањата на јавното мислење, најновата анкета на порталот 538 (FiveThirtyEight), специјализиран за претседателските избори во САД, е во согласност со проценките на обложувалниците.

Во Пенсилванија, Трамп има 47,9 отсто, а Харис 47,6 отсто поддршка, додека потпретседателката на САД има предност во Мичиген (од 0,7 отсто) и во Висконсин (од 0,8 отсто).

Трамп во Невада има предност од 0,7 отсто, во Северна Каролина од 1,3 отсто, во Џорџија од 1,5 отсто, а во Аризона од 2,6 отсто.

Кога станува збор за Ајова, каде Трамп победи и во 2016 и во 2020 година, постојат значителни разлики помеѓу најновите анкети. Според анкетата на весникот Де Мојн редџистер и компанијата МедиаКом, Харис во Ајова има предност од дури 3,0 отсто (47 спрема 44 отсто), додека другите истражувања покажуваат дека Трамп и натаму е пред потпретседателката на САД во таа сојузна држава. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан