• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
2 мај 2021 (МИА)  Воскресение Христово (Велигден) Именден празнуваат: Величко, Велика, Велјан, Воскресија, Анастас, Анастасија... Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“. Со право повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли, зашто ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, но и на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено, ќе царуваа неморалот и другите негативни демони. Всушност, Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Јавувајќи се со своето учење Исус објавил дека е „Пат, вистина и живот“. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој, од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници. Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен? Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство, западнал под друго ропство ‒ римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот. Нашиот народ со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекува овој празник. Сепак, со Велигден се поврзани помалку обичаи отколку, да речеме, со Божик или со Ѓурѓовден. Истражувачите на овие обичаи сметаат дека причина за тоа е фактот што Велигден не е поврзан со одреден датум како што е тоа случај со споменатите и некои други празници, туку секоја година го менува датумот. На овој празник му претходат долгите Велигденски или Велики пости коишто траат цели седум недели не сметајќи ги Сиропусната недела која е една недела пред Прочка и Месопусната недела една недела пред неа. Востановен уште во апостолски времиња, за да биде оформен во денешната форма до IV век, постот има цел христијаните да се подготват за достојно прославување на празникот. Во текот на овие Велигденски пости преку самоконтрола, преку разни самоодречувања, откажување од телесни задоволства, од обилна и пред сè мрсна храна, преку контролирање на страстите, откажување од веселби, песни и сл. човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден рано наутро да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го претставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја претставува неговата крв. Кај нашиот народ постојат повеќе пословици и поговорки во кои се споменува Велигден. Така на пр. се вели: „Секој ден не е Велигден“, или: „Катаден Велигден не бидуват“, „Ден за ден дојде и Велигден“ или: „Велигден голем ден“, „На Велигден на благ ден“ итн., со што се укажува не само на фактот дека Велигден се чека со посебна возбуда, туку и на значењето на овој празник. Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници, саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). На половина меѓу Велигден и Педесетница, односно на 25-тиот ден, секогаш во среда е празникот Преполовение, што народот го вика Руса Среда. Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христовото раѓање) потоа Светото благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др. Бидејќи Велигден во разни цркви се празнувал на разни датуми царот Константин го свикал во 325 година Првиот вселенски собир во Никеја, на кој се расправало по ова прашање и се донесени некои решенија. Но правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него. Ако е пред Пасха Велигден се одлага за првата недела по следната полна месечина, а ако се совпаднат во ист ден, се одлага за следната недела. Значи Велигден може да се падне на 35 датуми од 22. III/4. IV до 25. IV. /8. V, што значи два дена по Ѓурѓовден. Велигден е продолжение на старозаветниот еврејски празник Пасха кој Евреите сè уште го празнуваат во чест на ослободувањето на еврејскиот народ од египетско ропство. Буквалното значење на зборот Пасха е премин и се однесува на преминувањето на еврејскиот народ од Египет во Израел. И во христијанството Пасха значи премин со Христа, од смртта во животот и од земјата кон небото, во вечниот блажен живот. Пасха бил празнуван секоја година како спомен на ослободувањето на еврејскиот народ од египетското ропство. За ова се зборува во Стариот завет, поточно во втората книга Мојсиева, каде што е опишана и прославата на Јудејската Пасха. За овој празник секој домаќин требало да подготви за вечера едногодишно машко јагне без никаков недостаток. Потоа се печело на ражен без да му се скрши ниту една коска. Се јадело со бесквасен леб и со горчливо зелје. Целото јагне морало да се изеде, а тоа што останувало утрото се запалувало. За да не остане, поголемите јагниња ги јаделе по две семејства. Пасха освен премин значи и имање обзир, зачувување зашто Господ имал обзир и ги заштитил куќите еврејски кои биле бележани со јагнешка крв кога ги погубил египетските првенци. Овој чин е и почеток на издигнувањето на еврејскиот народ до слободен народ. Жртвуваното јагне, се сметало дека ги плаќа сите гревови на домаќинот и на домашните. Бесквасните лебови (во народот се викаат некиснати или пресни лебови) симболизирале и духовна чистота, зашто квасот ја означувал духовната корупција. Горчливото зелје ги симболизирало горчливите страдања на израелскиот народ од египетско ропство како и, воопшто, сите горчини на овој свет. Во Христијанството Исус е жртвеното јагне, тој е невин и без мана како и пасхалното јагне. Тој самиот се жртвува за искупување на нашите гревови, како што вели пророкот Исаија тој се жртвува за гревовите на многумина, а како што вели Јован Претеча Христос е јагнето Божјо кое ги очистува гревовите на светот. И како што на пасхалното јагне од Стариот завет при жртвувањето не смеело да му се скрши ниту една коска, така и на Исус не му биле скршени колената кога бил распнат на крстот, како што им се правело на тие што биле распнувани на крст, и како што им направиле на двајцата разбојници што ги распнале заедно со него. И уште нешто, пасхалното јагне било прободувано со два стапа надолж и напреку за подобро да се испече, а така поставени стаповите личеле на крстот на кој бил распнат Исус. Старите Израелци го славеле празникот Пасха во спомен на ослободувањето од египетското ропство, Велигден се празнува во спомен на ослободувањето на човекот од ропството на ѓаволот и гревот. Најкарактеристична икона на Христовото воскресение се смета онаа на која е прикажано Исусовото слегување во Адот. Тоа е и суштината на овој празник бидејќи „суштината на празникот Воскресение е умртвувањето на смртта и поништувањето на ѓаволот: Го празнуваме умртвувањето на смртта и поништувањето на Адот – пееме во Црквата. Поништувањето на Адот и умртвувањето на смртта е најдлабоката смисла на овој празник.“ Последната недела од Велигденските пости што значи неделата пред Велигден се вика и Велика и Страстна недела, а народот ја вика и Глува недела. Сите денови од оваа недела се викаат Велики или Вели како: Велики понеделник или Велипонеделник, Велики вторник или Веливторник, Велика или Велјасреда итн. Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела не се вика Велика затоа што деновите во неа се помногубројни или поголеми туку затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е рајот и небото им станало достапно на луѓето. На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното. Пораснувањето на популарноста на Исус, масовно посетените и со интерес слушани проповеди уште повеќе ги налутиле властите, фарисеите и книжниците кои решиле по секоја цена да го фатат и да го казнат. Но чекале погодна можност зашто тоа можело да го разгневи народот кој во него гледал не само учител туку и пророк. Особено што доаѓал големиот празник Пасха кога Ерусалим бил преполн со народ, а народот бил во посебно расположение. „Само не на празникот, за да не стане бунт во народот“, велеле тие. Погодна можност не им се укажала ниту во понеделникот ниту во вторникот. Дури во средата еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите и им понудил да им го предаде Исуса за 30 сребреници, скоро безначајна сума. „Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: Што ќе ми дадете да ви го предадам? А тие му предложија триесет сребреници. И тогаш тој бараше погодно време да го предаде“. Исус знаел што ќе се случи поради што ги повикал своите ученици на заедничка вечера во четвртокот навечер. На оваа т.н. Тајна вечера Исус им укажал на учениците негови дека еден од нив ќе го предаде што кај сите предизвикало изненадување: „Вистина ви велам, еден од вас ќе ме предаде. Но тешко му на оној човек преку кого синот човечки ќе се предаде, добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил“. Исто така, на оваа Тајна вечера Исус ги благословил виното и лебот со што ја востановил и светата причесна. „И кога јадеа Исус зеде леб, го благослови и рече: Земете, јадете ова е моето тело. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: Пијте од неа сите, зашто ова е мојата крв на Новиот завет кој се пролева за мнозина за опростување на гревовите“. Последната вечера на Исус со неговите ученици не е наречена Тајна вечера затоа што се одржала во тајност, Исус сè што работел работел јавно, туку затоа што тогаш е востановена причесната како една од повеќето свети тајни. По вечерата Исус заминал во Гетсиманија, место во близината на Ерусалим, а Јуда веднаш отишол кај првосвештениците за да им го предаде. Тие испратиле вооружени војници, а Јуда им рекол да го фатат оној што тој ќе го бакне. „Кога ќе го целивам, Он е фатете го“, им рекол. По фаќањето Исус бил одведен кај Кајафа. Тука бил испрашуван за неговото учење но тој ништо не скривал зашто тоа било јавно. Бил обвинет за неморал, за лажно учење и за бунтување на народот. А кога потврдил дека тој е Исус синот Божји, првостештениците сметале дека ја заслужил смртната казна. Но бидејќи на смрт можеле да судат само римските властодршци, утрото, Исуса, врзан го испратиле кај управникот на Јудеја Понтиј Пилат. Но тој знаел дека Исус е приведен од првосвештениците од завист и не сакал да го казни. А кога разбрал дека Исус е од Галилеја рекол дека таму управник е Ирод кој во тој момент бил во Ерусалим и дека тој треба да му суди. Но и Ирод не нашол вина па пак го вратил кај Пилата. Во тоа време имало обичај секоја година на празникот Пасха управникот да ослободува по еден затвореник што ќе го побара народот. Пилат го прашал народот кого да го ослободи, но народот заведен од првосвештениците побарал ослободување за Варава, најголемиот злосторник, а распнување за Исус. Тогаш Пилат предавајќи им го Исуса зел вода и си ги измил рацете пред народот велејќи: „Невин сум за смртта на овој праведник. Мислете му вие“. Исуса го мачеле, врз грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до Голгота местото каде што требало да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата, и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца разбојници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“. Кога Исус испуштил душа се случиле повеќе натприродни феномени. „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа; и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа“. Денот кога Исус бил мачен, распнат и кога починал бил петок. Затоа освен Велики овој ден се вика уште и Распет петок. За да не стои телото на Исус на крстот двајца негови ученици Јосиф и Никодим побарале дозвола од Пилат да го симнат и да го погребаат. Бидејќи претстоел големиот еврејски празник Пасха, Пилат кому не му била чиста совеста во врска со смртта на Исус им дозволил да го погребат. Според обичаите тие го завиткале во платно, го намачкале со мириси, и го погребале во семејната гробница на Јосиф, во која дотогаш никој не бил погребан. Гробот го затвориле со тежок камен. На погребот присуствувале и Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков и Јосија. Еврејските првосвештеници го знаеле претскажувањето на Исуса дека на третиот ден по умирањето ќе воскресне. Поради тоа го посетиле Пилат и побарале дозвола пред гробницата да стават стража за да не се случи учениците негови да го украдат телото и после да шират вести дека воскреснал. На тоа Пилат им рекол: „Имате стражари, одете и направете како што знаете“. Првосвештениците го запечатиле гробот и оставиле стражари пред него. Но кога осамнала неделата земјата се затресла и стражарите се исплашиле. Силна светлина ја осветлила Голгота и го најавила воскресението. Исус се појавил како богочовек со што го потврдил своето учење. Потоа слегол ангелот од небото и го отстранил каменот од отворот на гробот. Но тогаш Исус веќе бил воскреснат, нему не му било потребно некој да му го отвори гробот, тоа било направено за другите да се уверат во вистината. Марија Магдалена прва дошла на гробот на Исус. Кога го видела гробот празен многу се исплашила и загрижила и отрчала да ги викне Петар и Јован, кои веднаш дошле, но го нашле само платното во кое било завиткано неговото тело и крпата за лице внимателно здиплена. Откако Петар и Јован заминале, Марија седнала покрај гробот и тивко плачела. Во тоа време забележала човечка силуета што не можела да ја познае поради утринскиот мрак. Помислила дека е градинарот Јосифов и му се обратила: „Господине, ти ако го зеде кажи ми каде го сокри и јас ќе го најдам“. Во тоа време чула глас: „Марија!“ и го познала гласот на Исус. „Учителу!“, извикала таа и потрчала да му ги прегрне нозете но тој и рекол: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при мојот Отец; туку отиди при браќата мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и при Вашиот Отец, при својот Бог и при вашиот Бог“. И исчезнал. Марија станала и среќна отишла кај учениците и им кажала дека го видела Господа и што ѝ рекол. Утрото и други жени дошле на гробот, според обичајот да го намачкаат телото со мириси. Но и тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне“. Откако се случил овој настан стражарите дотрчале кај првенците и ги известиле. Но овие им дале многу пари за да не ја кажуваат вистината туку да велат дека учениците го украле телото додека тие спиеле. Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици. Тие биле затворени во една соба плашејќи се од Јудејците. Одеднаш се појавил Исус и ги опоменал да не се плашат, а потоа им ги покажал своите нозе, раце и ребра за да ги увери дека е тој. Дувнал во нив велејќи им: „Примете свет дух“. Потоа побарал и храна и ја изел за да ги увери дека не е привидение. Од учениците тука не бил само Тома кој подоцна кога му кажале дека го виделе учителот не им верувал. Оттука останала и изреката „Неверен Тома“. Исус им се јавувал на своите ученици 40 дена по воскресението кога се вознесол на небото. Затоа на четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден. До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе“ и си отпоздравуват со: „Воистину воскресе“. Првиот поздрав значи и соопштување на веста за Христово воскресение, а отпоздравот потврда на таа вест. Во народното верување Велигден и Божик се двајца браќа. Божик постар и поскромен, Велигден помлад и фодул. Божик како домаќин гледал да е полна трпезата: „Ако се боси нозе под трпеза, само да е цело прасе на трпеза“. Затоа луѓето гледаат за Божик да заколат прасе и трпезата да е полна со разновидна храна. Велигден пак, како млад гледа да е убаво облечен и да излезе на оро. Затоа за Велигден се купува нова облека, а бидејќи тие што не ќе се подновеле плачеле останало да се вели: „Велигден е плачко“. Во Скопско, како што запишал М. С. Филиповиќ, на првиот ден од празникот се седело дома, а на вториот се одело на гости, на ракија, кафе и сл. Во зборникот на браќата Молерови среќаваме интересни обичаи од Разлошко, Пиринскиот крај. На вториот ден од празникот ергените од селата Банско и Добриништа оделе во Пирин во месноста „Свети Никола“ и откако ќе ја слушнеле црковната служба на убавата зелена полјана ставале долга трпеза со изобилство храна и јаделе сè што имало поставено врз неа. Потоа играле оро, а околу пладне откако ќе ги накителе коњите со здравец и други билки се враќале во селото каде што ги пречекувале девојките со ора и песни. На третиот ден и момите и ергените оделе во местото Блато, каде што играле бавни ора без потскокнување, трипати напред еднаш назад. Децата се кршкале со црвени јајца и избирале „кʼцач“. Следниот ден оделе кај месноста Света Варвара, крај реката Места, два часа далеку од Банско. Таму се собирал народ од сите разлошки села, а најповеќе од Банско, Елешница и Добриништа. За заеднички прослави на празникот Велигден сведочи и Милан Ристески. Во мариовските села Врпско и Жиово на вториот и третиот ден од празникот нивните жители ручале заедно на средселото каде што играле ора. Велигден се испраќал не само со песни и ора туку и со многу „гачки“ (народни драми). Во Порече, според сведоштвата на В. Кличкова, по повеќето „гачки“ што се изведувале во текот на трите дена празникот се испраќал со играта „Вили самовили“, а М. С. Филиповиќ пишува дека во с. Луково на третиот ден од празникот се изведувала играта „Дервиши“. Во некои места на вториот ден од празникот се изведувал обичајот „Скрсти“ или „Литии“ што има цел да измоли дожд и богат род на земјоделските култури, меѓутоа, во повеќе краишта на Македонија овој обичај е поврзан и со други празници. Во селото Крецово, Кукушко, според еден напис објавен во цариградскиот весник „Новини“ Велигден се празнувал со многу обичаи што започнувале уште на Велики четврток. На север од селото, се вели во овој напис, на растојание од четврт час има еден висок рид наречен „Лазарица“ обиколен со камења како со ѕид. Има само две патеки за искачување горе. Горе ридот е рамен како гумно, само на средината има високи камења. Има еден камен како столб на кој има дупка, а одгоре една плоча од околу две метра. Тука, на Велики четврток доаѓаат луѓе од околните села да се провираат низ дупката. Тогаш епитропот од селото Крецово ја носи иконата на Тајната вечера, а носи и свеќи. Кога некој страда од некоја болест се ветува дека ако оздрави, ќе се провре низ дупката и ќе даде некаков дар за црквата. Кога болниот ќе оздрави иде тука, купува свеќи, ги пали пред иконата и откако ќе ја целива се провира низ дупката три пати и остава дарови за црквата. На вториот ден од Велигден селаните од Крецово, заедно со свештеникот, учителот, учениците и певците, по отпуштањето на црквата одат на местото Лазарица при што ја носат иконата на Воскресението Христово, и други икони како и портретот на Егзархот. По патот се пеат псалми и песни. Пред да дојдат селаните од Крецово тука веќе дошол многу народ од околните села за да присуствува на свеченоста. Кога ќе се качат на ридот светат вода, потоа учителот држи слово за празникот, верата и народноста. Кога учителот ќе го заврши словото одат кај свештеникот да му го честитаат Велигден, при што му целуваат рака. Потоа почнува веселбата, свират гајди и се играат ора. Момите од секое село играат одделно. Веселбата трае до 5-6 часот, потоа сите си одат, се вели во овој напис во весникот „Новини“. Во велигденските обичаи и верувања значајно место имаат црвените велигденски јајца. Нашиот народ вели: „Го гледа како црвено јајце“, или „Му се тресе како на велигденско јајце“. Кај сите народи јајцето претставува извор на животот. Кај грчките и римските филозофи среќаваме преданија дека светот е настанат од јајце, а Јувенал, Плиније и Овидије сведочат дека Римјаните употребувале вапцани јајца за разни обреди. Како што забележал еден патник во 1704 година во Персија вапцани јајца се користеле во новогодишните обичаи. Според индиското верување светот настанал од златно јајце кое пливало по водата (сонцето), а во финскиот еп „Калевала“ се пее дека светот настанал од шест златни и едно железно јајце. Повеќемина собирачи на македонски народни умотворби, обичаи и верувања, запишале дека во минатото христијанските семејства им испраќале на Турците со кои биле во добри односи велигденски јајца како поздрав. К. Шапкарев сведочи дека во Охрид за дар се испраќал колак со 10-15 црвени јајца кое Турците го сметале за голема чест, а непраќањето за провокација. Велигденските јајца се вапцуваат со црвена боја за која се смета дека ја симболизира Христовата крв. Но и инаку црвената боја е боја на радоста, оптимизмот и на животот воопшто. На овој ден јајцата се вапцувале и со други бои, зелена, сина итн. (жолтата се одбегнувала како еврејска боја), но и тогаш првите јајца се вапцувале црвени. Обичај било и јајцата да се шараат со разни техники со листови од растенијата, со срма и мониста со восок итн. На јајцата се цртале разни шари, но се пишувале и разни имиња и поздрави на младите вљубени. Се пишувало и: Честит Велигден, Христос воскресе итн. Легендата вели дека црвените јајца заедно со поздравот „Христос воскресе“ прво ги употребила Марија Магдалена. Таа секогаш ги слушала проповедите на Исус, прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро, прва го видела гробот празен, прва го видела и Исуса воскреснат, а по неговото вознесение на небото тргнала по светот за да го проповеда неговото учење, но и вистината за неговата маченичка смрт, како и неговото воскресение. Кога стигнала во Рим Марија Магдалена го посетила и императорот Тибериј и подавајќи му црвено јајце го поздравила со зборовите „Христос воскресе“. Со тоа го започнала разговорот со императорот на кого како очевидец му зборувала за Исус и неговите добри дела (лекувањето болни, воскреснувањето мртви и сл.), за неправедното обвинување и маченичката смрт. Откако ги ислушал убедливите и аргументирани сведоштва на Марија Магдалена императорот Тибериј го нашол за виновен римскиот управник во Јудеја Понтие Пилат, кој иако имал моќ не го заштитил праведниот Исус, поради што за казна го преместил во Галија каде што овој умрел од тешка болест и во царска немилост. За ваквите заслуги на Марија Магдалена Светата црква ја прогласила за рамноапостолна и за прва благовесница на Христово воскресение. И во македонското народно творештво постојат повеќе преданија за црвеното велигденско јајце. Според едно од нив, кога Ристос бил распнат на крстот од крвта што капела од рацете и нозете каде што бил закован камчињата од крстот се обоиле црвени. Како спомен на тоа луѓето вапцуваат јајца со црвена боја, се вели во ова предание. Во друго предание се раскажува дека во неделата кога Марија одела на гробот на Исус носела варени јајца за да ги раздаде. Тие биле обоени со црвена боја за да потсетуваат на Христовата крв. Но кога ѝ кажале дека Христос воскреснал таа јајцата им ги поделила на децата и оттогаш останало да се вапцуваат и да се раздаваат јајца на Велигден. Според преданието од Гевгелиско, пак, кога Христос умрел, Христијаните се расправале со Евреите и тврделе дека ќе воскресне, додека пак Евреите зборувале дека тоа ќе се случи само ако кокошките почнат да несат црвени јајца. Кога Христос навистина воскреснал Христијаните ја рашириле таа вест, а Евреите ги обвиниле дека го лажат светот. Работата дошла до судот. Евреите рекле дека ќе поверуваат во тоа ако се исполни и другиот услов, ако кокошките почнат да несат црвени јајца. Христијаните паднале на колена и долго се молеле на Бога да им помогне не поради себе што ќе бидат наречени лажговци и ќе бидат казнети туку поради верата христијанска. Пилат ги испратил слугите и тие за кусо време се вратиле со црвени јајца во рацете. Судиите провериле дали јајцата се вистински и кога се увериле во тоа ги пуштиле Христијаните. Во спомен на тоа, а за да ги уверат душманите дека Христос навистина воскреснал Христијаните на овој ден вапцуваат црвени јајца и се кршат со нив поздравувајќи се со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ и отпоздравувајќи со „Воистину воскресе“. Припаѓајќи му на циклусот пролетни обредни песни велигденските народни песни пеат за разбудената природа, за повторното враќање на животот, но и за многу љубовни мечти, за повеќе семејни односи. Сепак, овие песни коишто се исполнуваат на оро поради што содржат и дијалози пеат и за повеќе епски јунаци, разни митолошки суштества и сл. Тоа зборува за постари пагански слоеви во овие песни коишто подоцна со нивното врзување за големиот празник примиле повеќе христијански елементи. Во велигденските песни се повикува празникот: Дојди, дојди Велигдене, сум напрела кито сајче, сум напрела црногорче, сум напрела вир скутина, како дојде така појде. Но во песните на симболичен начин опеана е и светата причесна како значаен обичај што се изведува на овој ден. Извишило ми високо борје, високо борје среде манастир, ај на борјето ветки поројни, ај на ветките лисје широки, ај на лисјето капки крвави. Тие не биле капкикрвави, туку ми биле чесна причесна. Собирачите на народните умотворби сведочат дека постоеле посебни песни што се пееле наутро, посебни песни за на пладне, а посебни за навечер. На првиот ден од празникот кога се пееле овие песни девојките биле нафатени како на танец и пееле две по две, започнувајќи тие што биле на чело, па сè до тие што биле на крајот. Пееле на средселото, но не биле придружувани од никакви свирки. Во весело расположение, со многу песни и ора брзо минувал празникот. Тоа се пее и во песните во кои се посакува и следната година да биде дочекан во пријатно расположение. Велигден, море, Велигден, да кога дојде и појде, со нога не те игравме, со уста не те пеавме со очи не те видовме од пусти алаулиња. Моме ле, море, моме ле, три дни ме носи на појас, три дни ме гази под нозе, црвени јајца кршевте, на гајдаџија дававте, кога си оро игравте. Велигден море Велигден в година пак да ни дојдиш, со китки ќе те чекаме, во десна рака со китка, во лева рака со јајце. Тропар Воскресение Христово (Велигден) Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие во гробовите живот им даде. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан