• петок, 20 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
24 јули 2020 Од минатото на мијачијата Родољубие Татковото огниште, мајчината љубов, местниот говор и носијата, семејните воздишки е тоа што често ги тера да се вратат во родното место. Тукашната мома повеќе сака на татковото огниште белата коса да ја расплетува, отколку да води маж од друго племе. Раскажуваат дека една брсјачка кога забележала покрај куќата кираџии Мијаци, уплашена викнала на домашните и кога тие и рекле дека тоа се луѓе, таа им одговорила: „Не се луѓе, ами мијачишта“. Духовитост Жителите на селото Лазорополе се познати како мајтапчии, шегаџии, веселници итн. Еве некои примери: Дедо Угрин, „пушката“ бил еден од најголемите хумористи. Тој никогаш не се смеел. Еднаш тој заедно со еден караван минувал покрај еден манастир. Рекол да идам да се исповедам; и пошол во манастирот. Го нашол игуменот пред кого се претставил како најпрост човек. На прашањето од страна на игуменот – што бараш чедо, дедо Угрин му одговорил: - Идам да се исповедам. - Кажи си го гревот. - Прашај ме не знам. - Одиш ли по лоши патишта. - Кај нас сите патишта се лоши. - Не не, одиш ли по жени. - Коде нас ако ја напред ода, жената по мене, ако таа напред одит – јас одам по неа. Заедно не можеме да одиме зашто се тесни патиштата. - Ништо не знаеш, греот ти е простен, немаш греови. И така дедо Угрин се вратил при другарот исповедан. Кога на другар му му кажал што му се случило сите се смееле. Има многу такви со разни духовитости. Има уште еден помалку важен случај за одбележување: Браќата Доне и Секо од Лазорополе Дамчуловски имале различни табиети. Првиот бил крајно намрштен, затворен во себеси човек, а вториот – обратно. Често заради тоа имало и недоразбирања.. Еднаш оделе на пазар во Елбасан (Албанија) по порачка на месните бакали да им донесат чист елбасански зејтин и тутун за продажба. Со нив имало и други. Од Лазорополе до Елбасан и обратно до Лазорополе Доне никако не му одговарал на помалиот брат колку и да го предизвикувал и поттикнувал на разговор. Помалиот Секо во Елбасан си купил едно кече (шапка). По патот кого и да го видел, кого и да го сретнел се го прашувал: - Е пријателе, кажи ми убава ли е шапката што сум ја купил? Прашаните одговарале неволно, но потврдно. А Доне се лутел но во себеси, без да му проговори. И така до Лазорополе истото го правеле. Стигнале во Лазорополе. Таму на првиот сретнат Лазоровец му го поставил истото прашање. Тогаш Доне нервозно му одговорил: - Доста веќе, од Елбасан до овде се исто дрдориш, шапката та шапката. А Секо му одговорил: - Тоа го сакам бре брате, да ми прозборуваш, зашто од овде до Елбасан и од Елбасан до овде ти ништо не ми одговори, а јас вака ќе направам на оваа шапка – ја зел и ја удрил од земјата при што рекол: Сега сум рат, братот Доне ми одговори. Има уште многу други такви истории: Валијата од Скопје роден во блиското село Могорче, мохамеданин, Ајредин паша му рекол на еден Галичанец меанџија (ќаја) да му однесе еден мев маслен кајмак. Галичанецот се согласил. Му однесол но и му се поплакал од заптијата во Маврово дека му зел нешто како баждарлак. На уверувањето дека е од Галичник дека кајмакот му го носи на валијата заптијата не му верувал и му зел баждарлак. Валијата се согласил со незадоволството на ќајата и наредил да се повика кај него заптијата. Последниов ја исполнил заповедта и по еден ден се појавил. Му ја раскажал историјата и го запрашал зошто не му верувал, нели му имал речено дека на Галичаните ништо да не им зема, а да ги пушта да минуваат слободно. Заптијата му одговорил дека не го познавал и не сакал да му верува на кажувањето дека е од Галичник. Пак валијата му рекол дека нели му расправил како треба да ги познава, без да бара други докази и му повторил: - Кога ќе видиш човек да оди со тешки товари, тоа е Галичанец, гледаш ли луѓе да одат на куп да пеат или да се шегуваат – тоа се Лазоровци, видиш ли други да одат поединечно намрштени – тоа се тресончани, видиш ли луѓе да одат по двајца-тројца, на самарите да имаат црвени мутафчиња тие се од Гари. Разбра ли – најпосле му рекол и по втор пат ако има ваква поплака ќе те преместам оттаму и ќе те пратам на Косово поле. Дедо Фидан од Лазорополе бил мајстор во едно грчко село тамо кај Кајлари. Често одел во црква особено во Недела. Бидејќи немало други цркви одел во грчката. Иако ништо од грчкото пеење не разбирал тој гледајќи ги Грците се крстел. Грците го натерале да го испее „Оче наш“, но и таа молитва не ја знаел но пак не признал дека не знае. Кога бил принуден од Грците тој испеал: Тумба тумба дивина, јафна коња Пауна, Пауново перце, ја перце нурце, ја нурце пченичка, ја пченичка – воденичка, ја воденичка – брашенце. ја брашенце лебец, ја лебец – ручок... А Грците се крстат ли се - крстат. Соопштува Иван Рафајлов од с. Лазорополе. Од книгата „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев, Софија 1941. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан