• понеделник, 30 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
21 февруари 2021 (МИА) Народни обичаи Галичка свадба Од свадбените традиции што се одржуваат за време на целокупната свадбена свеченост во селото Галичник најмногубројни и најзначајни се оние во куќата на момчето, бидејќи во неа ќе живеат младоженците. Поради тоа и тие се најкарактеристични од овој семеен церемонијал поврзани со многу обреди и симболи, особено со култот на врховното божество, култот на предците, како и со церемонијалот иницијација. Тие имаат цел да му обезбедат среќа и благосостојба на новооснованото семејство. Додека при момата се подготвуваат за свадба, исто така се вршат ред подготовки и при момчето. Обично тие почнуваат многу порано, и тоа се в месец или најмалку две недели пред свадбата. А пак подетални подготовки започнуваат уште порано, во текот на зимата или веднаш по свршувачката. Во тоа време мајката ја приготвува постелата за младоженците, дава да се шие „зетоското руво“ (младоженска облека) и друго. За оваа работа специјално се повикува терзија за да ја сошие облеката. Се дава и среброто да се кове, т.е. од него да се направи накит за невестата. Него го нарачува некој постар човек од куќата, најчесто таткото или постариот брат. Во случај момчето да нема никого од постарите родители, тогаш оди само. Порано среброто се носело да се кове во соседното село Битуше, Дебар или Скопје, каде што имало подобри мајстори - кувенџии. Исто, во тоа време се ткаеле и мутавчиња - ќилимчиња, се плетела рогузина и другите потреби за свадбата. Рогузината ја плетела свекрвата со некои соседски моми и при изработувањето се правела мала веселба. Тогаш се пееле разни сватовски песни, пригодни за овој момент: Извикнува, подвикнува копидан од гора... итн. За свадбата во момчевата куќа главните подготовки почнувале откога ќе се почне со пресејувањето на житото, од кое ќе се измеле бело брашно за месење лебови, кои се потребни за дочекување на гостите за време на свадбата. За обичајот - сеење на житото се поканувале најчесто пријатели, соседи и најблиската рода на момчето, обично се канел помлад свет - моми и невести. Штом ќе пристигнеле гостите, се наредуваат околу житото, прават разни веселби и се пеат свадбарски - сватовечки песни. Песните се пеат нависоко, т.е. со извикување: иии. Ветор веет, гора се лелеет... итн. Копидан ми во гора венеет... итн. Кога се сеее житото се пее песната: Цвилит коња во гора зелена... како и песната: Ситној просо, црној око / не стој спроти мене... итн. Житото го засејува некоја од присутните моми на која и се живи родителите, т.е. да е „татково-мајкино“ Потоа свекрвта во житото фрла разни нешта, „стрвости“: бомбони, леблебии за да биде житото благо. Решетата со кои сеат момите се обвиени со црвена свила, на нив има нанижани стари сребрени паричиња, а околу се искитени со разни цвеќиња. Тоа се прави за среќа на младоженците и како што е стара парата така и тие да остарат и побелат (преносна магија). Откога ќе се отсее житото, го натовараат на коњи и го носат на воденица за мелење. Од ова брашно се месат лебовите за дочекување на гостите. Тие се месат обично неколку дена пред свадбата. За тоа време најчесто таткото на момчето оди да набави вино, а за потртебите на свадбата од месо се колеле 80 - 100 брава. Порано кон крајот на 19 век виното се купувало најчесто во Призрен, а исто и во Дебар, Скопје, Скопска Црна Гора и други познати винарски места во Македонија. По вино се одело со неколку поблиски пријатели „побратими“ и тоа со коњи - каравани. Често патем се правеле разни шеги се натпреварувале кој може повеќе да испие од виното. Се случувало патем да го испијат сето и одново се враќале назад, да купат друго. Виното се носело во меови, а денес во „фуцалиња“ - буренца или други дрвени садови. Кога се купувало виното се мерело со ведро и се ставало во корито. Откога ќе се измерело домаќинот со обете раце олеснувал во ведрото и ако бил толку силен да го истури сето вино винарот ќе му дополнел уште онолку колку се истурило. Тоа вино се викало „гнетено вино“. А пак луѓето што го носеле се викале винари. Виното се набавувало две недели пред Петровден. Кога винарите ќе пристигнеле во момчевата куќа се префрлало во буренца. За овој момент се канеле гости и пријатели да повелат да дојдат на „турување вино“ (пресипување на виното). „Ајде дојдете на турување вино“. Притоа се правела и мала веселба, се пееле песните во кои се изнесуваат чувствата на момчето што се спрема за женидба. Игралито срце јунаково, како вино во стребрена чаша, како јагне во големо стадо, како ждребе во големо ергеле, како пчела во голем уљаник како ѕвезда во широко небо. Не е вино во стребрена чаша, не е јагне во големо стадо, не е ждребе во големо ергеле, не е пчела во голем уљаник, не е ѕвезда во широко небо, тој е јунак татково, мајкино, братово, сестрино, стриконо, стринино. И ако се случувало домаќините да имаат свое вино, пак го вешеле овој обичај (го префрлале виното во помали буриња). Потоа бурето го опашувале со црвена коприна и го кителе со разни цвеќиња: невен, босилек, копидан, трендафил и други; ставале и некое старо париче, за среќа и бериќет на младоженците, да не оскудеваат во ништо. Китење на куќата. - Спроти Иванден и на самиот ден - пет дена пред Петровден, се собираат моми и момчиња, рано изутрината пред сонце да берат билки за китење на куќата и разните потреби на свадбата. Се берат следниве билки: трондафил (ружа), лопув, месечина, копидан и др. Се китат во китки и се редат во своите куќи. Од сите билки се задржува нешто и за свадбените обичаи, за китење на венците и сл. При берењето на билките се пеат песните: Иванине, вио (голем) граѓанине, / на глава ти вио огон горит... Правење сеница. - Два дена по Иванден се бере папрат и јавор за постилање на кледот, каде што ќе гувее невестата. Тогаш се прави и колиба - сеница за Еѓупците - тапанџиите, каде што ќе седат и спијат за време на свадбата. Обично се прави од суровици таканаречени „мартаки“, а се покрива со зелени јаворови гранчиња. На берење папрат одат побратимите и некои од другарите на момчето. При оваа прилика се пеат пригодни песни: Девојко, мори девојко, папрат е жива разделба, од татко ќа те оделит, од мајка ќа те расплачет, од браќаќа ќа те разделит, од сестри ќа те расплачет. Откога ќе се донесе папрадот, со него се постила кледот, каде што ќе седат и спијат другарките - чуваленки на невестата, додека не дојдат „стројците“ по неа. Со папрад се полни и перницата на која ќе спијат младоженците. Папрадот се става и затоа што има и убава миризба, а покрај тоа има и апотропејско значење. Имено се верува дека од неговата миризба бегаат сите лошотии. Китење и носење на бајракот. Од страна на момчето пред самата свадба, два дена пред Петровден се носи брав и вино при свршеницата. За овој обичај се одбира најдобар брав, му се искитуваат роговите со трендафил и други цвеќиња, се принесува некој вид жртва. Цвеќињата како и во другите свадбени обичаи се врзуваат со едно црвено копринче. Покрај бравот се зема и едно буренце со вино, па и тоа се украсува со разни цвеќиња и се опашува со црвена коприна. Обично бравот е толку голем колку што е и буренцето, така што кога ќе се натоварат на коњот - да странат, т.е. да имаат иста тежина. Овој обичај се прави за да се знае дека е свадбарски. Подароците кај свршеницата ги носи некој од најблиската рода на момчето: брат, братучеди или некои други, помлади деца. Со донесувањето на виното и бравот во куќата на свршеницата се смета дека свадбата веќе почнува.Таму сватоштините ги дочекуваат со радост и ги почестуваат. Откога ќе се вратат откај момата во момчевата куќа се меси сваќа. Истиот ден се испраќа зовачка и тројца побратими - девери, со здравица, карта накитена со разни цвеќиња и старински пари да ги канат гостите и пријателите за на свадба. Зовачката е обично некоја млада невеста од куќата. Таа се променува во најсвечено празнично или невестинско руво. Гостите се канат на истиот начин како што е опишано порано во свршувачката - споризи, само што за овој случај се кани со зборовите: „Да благословите да дојдете на вода, на редење бајрак и на строј“, т.е. за сите поважни моменти од свадбата. Замесување на сваќата. - Изутрина на самиот ден на свадбата во момчевата куќа се собираат млади ергени и невести, обично од најблиската рода на момчето за да присуствуваат на обичајот - замесување на сваќата. Погачата се меси рано изутрина. Ја замесува некоја мома со живи родители - татково, мајкино. Притоа и пеат во чест на месаријата: Месаријо, таткова мајкина, /месаријо братова, сестрина,... итн. Покрај оваа песна на месаријата у пеат и други песни шегувајќи се со неа. Тие шеговити песни не толку радо се слушаат од постарите луѓе. Таква е песната: Месаријо, мечка растресена, / месаријо, гнидлива вошлива... Итн. Пред да се почне со замесувањето на сваќата месаријата се прекрстува и благословува: „Ајде, аирлија да ви е, ја на многу места сваќа сум месила, да видиме мене кој ќа ми месит“. Домашните и одговараат: „Аир да имаш, и ти да си исчекаш“. Потоа месаријата со ситото го исејува брашното, се прекрстува и во средината прави дупка. Внатре става, сол , шеќер, сода, квасец. Шеќерот се става за да бидат благи млдоженците, т.е. да се милуваат во идниот свој брачен живот. Откога ќе се замеси погачата се става да кисне во цедило дури не втаса. Потоа се шара со шарник или сваќарниче. Шарките се најразлични: семенка од тиква, гранчиња и други. Се шара на лиф - тек места, седум до девет. Тие се распоредуваат така што една е насреде, а другите се редат околу. Покрај шарките се редат и други шарки најчесто срце. Кога се меси сваќата обично се месат две исти погачи од кои едната останува дома, а другата се испраќа кај невестата за менување. Исто се меси и еден колач кој го носи свекорот кога се оди по невестата на строј, во торбата со другите дарови - среброто, односно накитот. Во сваќата се ставаат и пет стари сребрени паричиња, се редат на крст на пет места, за да не се знае каде се ставени. Тогаш се месат и сарајлиите - баници со кои ќе се дочекаат побратимите што го довеле момчето, по бакнувањето рака на стројците и сватовите пред да се доведе невестата. Додека се меси сваќата, домашните во куќата се приготвуваат за пречекување на гостите. Се готват богати јадења и разни мезелаци, се редат столовите, софрите за гостите и друго. А пак младите во момчевата куќа се веселат, играат, пеат свадбарски песни. Вера Кличкова, Свадбените обичаи од селото галичник, Дебарско, Свадба, Гласник на Етнолошкиот музеј 2, Скопје 1965. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан