• среда, 27 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
3 февруари 2021 (МИА) Македонска народна митологија Ламја Ламјата, за разлика од змејот, спаѓа во лошите демони што секогаш се непријателски расположени кон луѓето. Во народната фантазија ламјата е замислена како огромна змија со повеќе опашки и со три или девет глави. И секогаш кога ќе и се отсече едната глава на нејзино место израснува друга. Во некои верувања има форма на гуштер. Ламјата живее во тајни места, во дупки, пештери, планини, во длабочините на езерата и морињата и сл. Во народните приказни ламјата ја запира водата и за да ја пушти бара од луѓето да јади секој ден по еден човек. И најчесто кога ќе треба да ја изеде царската ќерка, ќе се најде некој јунак што ќе ја убие, со што ќе ги спаси луѓето, а тој ќе стане царски зет. Ламајата е симбол на изедлвост. Се верува дека ламјите земаат деца, ги носат во своите живеалишта и таму ги јадат. Како симбол на изедливост ламјата влегла и во македонските народни пословици: „Ламја си за јадење, а за работа мрава“, „Уста има како некоја чапја, уста има како некоја ламја“ итн. Во народното верување ламјата останала како опасност за посевите. Затоа кога ќе потфрли родот на житните култури се вели дека го испила ламјата. Оттука и пословицата: „Ламјата го пие бериќетот кога не раѓа“. Марко Цепенков запишал дека: „Во време кога цутат житата ако падни некое утро магла, како што паѓа во зима, житото ќе го испиела и жудливо ќе останело и многу малце ќе било. (Во таа магла имало една ламја што ќе го испиела житото, велат старите.) Се верува и тоа дека во лето кога зрее житото ламјата носи градосни облаци што ги уништуваат посевите. Во едно предание запишано и објавено од Кузман Шапкарев се вели: „За време на летото, обично, кога житата растат и пред жетвата, штом времето се расипе и почне да грми и да врне тогаш ламјата (без разлика дали е детенце во лулка или возрасна жена) како пакосница заспива и духот и тргнува низ нивјето за да го уништи житото. Во исто време и змејот (уште дете или веќе маж) за да го зачува бериќетот и тој исто така заспива, а духот му оди да го проследува духот на ламјата. Штом тие два духа се сретнат каде и да било веќе - почнува ужасна борба меѓу нив. Ламјата се плаши од змејот и штом го види или насети, таа летнува низ облаците, но и змејот не ја остава на мира туку ја проследува додека ја стигне и ја отепа од ќотек и ја присили да се врати дома. Во времето кога се случува таа борба, тогаш највеќе грми и светка“. Истражувачите на народната митологија сметаат македонските верувања покажуваат извесна нестабилност во поглед на ова митолошко суштество. На пр. во Скопска Црна Гора се верувало дека некоја жена го пие житото и грозјето уште додека цути. Во Скопската котлина, пак, се верувало дека таа жена што го пие житото ја прогонуваат не само змејови туку и свети Илија и свети Ѓорѓија. Во околината на Гевгелија ламјата ја замислувале со голема уста, јазик и заби, со крилја, четири нозе и долга опашка, што јаде луѓе и особено деца. Интересно е што според некои верувања ламјите се претвораат во луѓе или животни и тогаш можат да ги видат само шестаци (луѓе што имаат на секоја рака и нога по шест прсти). Бре ајде, Мирчо, Мирчо ловџија, коња си јахај, сабја си врти, јас ќе те вода Перинско врше, бре, тамо има проклета ламја, кога ми спадне д`ж да ми иде, тогај излева проклета ламја, та ми си јаде белото грозде, и ми си зоби бела пченица. Народна песна (фрагмент) „Во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал, ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегуало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ ( Народно верување. Запис на М. Цепенков) (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан