• среда, 25 декември 2024

Обединета порака против насилство врз жените одекна синоќа од Кисела Вода

Обединета порака против насилство врз жените одекна синоќа од Кисела Вода

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, беше домаќин на вчерашниот настан против родово базирано насилство, на кој свои видувања на проблемот со родовото насилство дадоа и шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, амбасадорот на Република Романија, Адела Моника Аксинте, претставникот на амбасадата на Република Бугарија, Билјана Ангелова, програмскиот директор на NDI, Роберт Хајзлет, претставникот на Заедница на единиците на локална самоуправа, Ирена Николов, Валентина Дисоска од Здружение на „Бизнис на жени“, како и началникот во Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, Билјана Јеремиќ, претставници од Канцеларијата на UN women, од проектната канцеларија на УСАИД и ОБСЕ. 

На настанот градоначалникот го истакна своето задоволство што Општина Кисела Вода е дел од благородната цел на кампањата насловена „16 дена активизам против родово базирано насилство“ и ги презентираше заложбите и мерките што  општината ги презема во таа насока.

 - Борбата за спречување на насилството, со посебен акцент врз семејното и родовото насилство, е дел од нашата стратегија и како континуитет се одвива не само во овој период туку во текот на целата година. Оттука, ќе наведам дел од мерките со кои Општина Кисела Вода дава свои заложби во надминување на овој горлив проблем кој може да има далекусежни последици. Имено, во населбата Црниче, каде заедно со граѓанската организација „Крик” од минатата година отворивме психолошко советувалиште за жртвите од булинг, од следната недела запoчнува да функционира и советувалиште за поддршка на жртвите од семејно или било каков друг вид на насилство. За седум дена во функција ќе биде ставен телефонскиот број 078/233-461, на кој жените кои поминале или минуваат низ насилство, ќе можат да се јават и да добијат бесплатна психолошка поддршка од страна на тим од психолози, истакна  Ѓорѓиевски и додаде дека до крајот на годинта, во Домот на култура Драчево ќе биде отворена подрачна канцеларија на Центарот за социјални работи, каде жителите, поблиску до својот дом ќе можат да добијат услуга од ваков тип, бидејќи таму ќе функционира и советувалиште за семејно насилство и насилство врз жената.

Тој потенцираше дека во големата сала на Општина Кисела Вода веќе се организирани отворени денови на Центарот за социјални работи, со што жители неколку пати во месецот добиваат поддршка, совети, усуги и можност да пријават насилство, по што следи институционална мрежна работа.

 - Ова последново е суштината на целата кампања - создавањето на обединета платформа за делување, со цел да се поттикне дискусијата, да се спречи стигматизацијата, а сето тоа е можно преку добрите примери за решени проблеми за кои е неопходна вклученост од сите институции, истакна Ѓорѓиевски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека ги охрабрува жртвите на насилство да го пријават проблемот, наведувајќи дека законот е на нивна страна и дека секој вид на насилство базирано на пол е кривично дело. Ги поттикна институциите да реагираат навремено и да ги заштитат жртвите, особено жените, девојчињата, но и ЛГБТ заедницата, К+ и трансродовите луѓе.

 - Жртвите често се плашат да се спротивстават, а понекогаш, поради предрасуди или други побуди, оние што гледаат насилство, замижуваат или уште полошо, го осудуваат жртвите. Должност на секој од нас е да им се помогне на жртвите и да ги поттикнеме да го пријават насилството, нагласи Гир.

Тој додаде дека сега жртвите се заштитени со законските измени усвоени согласно амандманите од Истанбулската конвенција кои го криминализирaaт семејното насилство и секаков вид на друг родово насилство.

 - Друга важен чекор за справување со родовото насилство би бил усвојување на новиот закон за родова еднаквост, потенцираше евроамбасадорот Дејвид Гир.

Романската амбасадорка, Адела Моника Аксинте, ја презентираше романската перспектива и пристапот кон ова прашање, бидејќи, како што истакна, Романија има добро структурирано законодавство, институционални механизми, активно граѓанско општество и важен академски сектор.

Таа ги наведе и последните измени на законската регулатива од областа на семејното насилство - уредување на налогот за заштита, проширување на категориите на лица кои имаат својство на членови на семејство, како и регулирање и проширување на сферата на социјалните услуги за жртвите на семејно насилство. Ја истакна и подготвеноста на Романија да ѝ излезе во пресрет на нашата држава за сите прашања поврзани со борбата против насилството врз жените.

Директорот на НДИ, Роберт Хајзлет, даде посебен посебен осврт на учеството на жените во политиката, потенцирајќи дека кога тие имаат еднакво место на масата, подобро ги адресираат и своите потреби. Во таа насока информираше дека НДИ имплементира една глобална програма „Мажи, политика и моќ” која е насочена, пред се, за мажите во политиката и овозможува нивно сензитивизирање.

 - На таа тема работевме со политичките партии ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ И ДУИ. Минатата година ја поддржавме НВО „Реактор” која спроведе емпириско истражување на локално ниво од кое генералниот заклучок е дека и покрај декларативната поддршка за учество на жените во политиката, останува перцепцијата дека клучните одлуки се носат од страна на мажите, а тоа значи дека пред нас имаме многу работа, истакна Хајзлет.

Тој додаде дека сега кога се знаат статистичките податоци ќе се бара одговорност од државните институции во однос на насилството на жените во политиката. Најави дека во партнерство со Шведска, НДИ ќе започне кампања насловена „Гласај нѐ за насилството врз жените во политиката”.

На настанот говореа и останатите претставници од амбасадите, од бизнис заедницата, невладиниот сектор, секој од своја перспектива давајќи поддршка на оваа борба против насилството врз жените и семејното насилство. Сите говорници од страна на Општина Кисела Вода и Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Кисела Вода добија благодарници. сан/са/

 

Фото: Општина Кисела Вода

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан