• среда, 27 ноември 2024

Обвинителство: Скопјанец осомничен дека тешко телесно повредил сосед при расправија

Обвинителство: Скопјанец осомничен дека тешко телесно повредил сосед при расправија

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против 37-годишен скопјанец за кривично дело „тешка телесна повреда“.

Како што соопшти Јавното обвинителство, на 24 септември во скопската населба Илинден осомничениот со умисла тешко телесно повредил сосед при расправија поради претходно нерасчистени меѓусебни односи. Тој со метален чекан го удрил оштетениот 49-годишник во главата, нанесувајќи му повреди – фрактури со кои му бил доведен во опасност животот.

Јавниот обвинител му предложил на судот да определи мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување кај службено лице во судот и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетениот.​ дма/са/

Фото:МИА архива

Остани поврзан