• понеделник, 23 декември 2024

Обвинителството поведе постапка за насилство кон новинарската екипа на ТВ Алсат

Обвинителството поведе постапка за насилство кон новинарската екипа на ТВ Алсат

Скопје, 22 август 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против лицето кое вчера ја нападна новинарската екипа на ТВ Алсат во Скопската чаршија.

Како што информираат од Обвинителството, лицето е осомничено дека сторило кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

- Осомничениот 53-годишник, на 21 август, во Старата скопска чаршија, најпрвин упатил закани и навреди, а потоа и физички нападнал новинарска екипа на Телевизија Алсат-М. Со тупаници го удрил снимателот по главата и телото, а кај двете новинарки предизвикал чувство на вознемиреност и страв. Во насока на целосно расчистување и документирање на настанот, по наредба на јавен обвинител, обезбедени се снимки од видео надзор од околните објекти, стои во соопштението од ЈО.

Дополнуваат дека јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа на осомниченото лице, како и забрана за остварување контакти со сведоците и со оштетениот.

ТВ Алсат вчера објави дека нивната екипа била нападната додека била на должност. Станува збор за новинарките Ера Ѓакова и Сара Хоџа кои заедно со снимателот биле на терен.

- Лицето кое има продавница во близина, без повод и причина со остар предмет им се заканувал на новинарките и на снимателот, дури и по живот. Потоа, без повод и причина, лицето физички го нападнало снимателот, нанесувајќи му повеќе повреди на различни делови од телото, велат од ТВ Алсат.

Повеќе здруженија и институции, помеѓу кои Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денеска го осудија нападот и побараа реакција од институциите. ар/са/

Фото/ МИА Архива 

 

 

 

Остани поврзан