• понеделник, 16 декември 2024

Обвинителството за „Адитив“: Ковачевски сторил кривично дело, но моментално нема докази дека е дел од групата

Обвинителството за „Адитив“: Ковачевски сторил кривично дело, но моментално нема докази дека е дел од групата

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Васко Ковачевски како име и осомничен е последен произлезен во случајот „Адитив“. Обвинителите утврдија дека и тој има сторено кривично дело. Откако беа обезбедени докази дека е вмешан во дел од случајот, спроведена е постапка и за него, беше речено денеска на брифинг во Обвинителството.

Според шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, за Ковачевски стои основ за несовесно работење во службата.
 
-Сега засега е тоа. Анализираме. Над 30 телефони се одземени. Моментално не поседуваме докази дека е дел од групата. Анализираме уште, рече Абази.
 
Во однос на останатите осомничени и дали се побарани мерки за замрзнување на имот, Абази истакна дека се опфатени повеќе кривично-правни настани, како во РЕК Битола, така и во ТЕЦ Неготино и дека дел се работи во МВР, а дел во финансова полиција. -Ќе објавиме соопштение за мерките откако ќе поминат во судот, посочи тој.

Абази потврди и дека Ковачевски има уште една пријава од 2020 година, но, како што објасни, тој и сегашниот случај не се поврзани.

-Точно е дека за Ковачевски сме имале кривична пријава, сме ја реферирале до Републичкото јавно обвинителство и сме донеле решение за нејзино отфрлање. Поднесена беше жалба до Вишото јавно обвинителство кое ни го врати предметот со одредени напатствија. Постапивме по напатствијата и повторно ја отфрливме пријавата. Сега повторно Вишото обвинителство го вртати предметот на одлучување и во тек е постапката. Ќе ги разгледаме напатствијата и ќе донесеме соодветна одлука, рече Абази. мч/аа/

фото: МИА архива

Остани поврзан