Обвинителството во Куманово отвори истрага за убиство на свиреп начин, испитува поврзаност и со други случаи
- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Јавното обвинителство
Скопје, 20 февруари 2026 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Јавното обвинителство.
-На точно неутврден датум во периодот од 27.01 до 12.02.2026 година, осомничениот 25-годишник во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жртвата, жена родена во 1947 година. Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Се додава дека со со интензивни координирани дејствија во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина обезбедени се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско.
-Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат.Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката, се посочува во соопштението.
Инаку,осомничениот од моментот на неговото откривање веднаш е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје. рт/дма/
Фото: МИА архива