Обвинителката од грчкиот Врховен суд предлага отфрлање на барањето за намалување на казните на осудените за пожарот во Мати
- Да се отфрлат барањата за намалување на затворската казна и за признавање олеснителни околности, доставени од четворица осудени за пожарот во Мати, во 2018 година, предложила обвинителката од Врховниот суд на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 28 јануари 2026 (МИА) – Да се отфрлат барањата за намалување на затворската казна и за признавање олеснителни околности, доставени од четворица осудени за пожарот во Мати, во 2018 година, предложила обвинителката од Врховниот суд на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во јуни минатата година при судењето на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда, четворица обвинети за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата во источниот дел на областа Атика, во кој загинаа 104 лица, добија петгодишна затворска казна, без можност за откупување, додека пак останатите шестмина осудени можеа казната од пет години да ја откупат по десет евра од ден.
Жалба за второстепената пресуда до Врховниот суд доставиле поранешниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, поранешниот генерален секретар за цивилна заштита, осудени на петгодишна затворска казна, како и жителот на Мати осуден за потпалување.
Првите тројца, според грчките медиуми, побарале намалување на казните, да им се признаат олеснителни околности и реагирале поради фактот што казната не можат да ја откупат.
Обвинителката побарала да се отфрлат овие барања, а одлуката на судот ќе биде соопштена во следниот период.
Во пожарите кај Мати во јули 2018 година, што беа еден од најкатастрофалните во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви загинаа 104 лица, 57 се здобија со сериозни изгореници. ср/јт/
Фото: Архива МИА