• вторник, 24 декември 2024

НУ Музеј Куманово со повеќе настани ги одбележува европските денови на културно наследство

НУ Музеј Куманово со повеќе настани ги одбележува европските денови на културно наследство

Куманово, 23 септември 2024 (МИА) - Едукативни работилници и изложби се дел од настаните што ги организира националната установа Музеј Куманово во рамки на одбележувањето на Европските денови на културното наследство, соопштија денеска надлежните.

Во дворот на НУ Музеј основци учествуваа на едукативна работилница која ја организираа вработените од установата. Секој работен ден, ученици, основци, средношколци, граѓани од сите генерации ќе можат да присуствуваат на настани кои ги организира установата во рамки на одбележување на европските денови на културно наследство.

- Од 23 до 29 септември годинава се одбележуваат европските денови на културно наследство. Станува збор за партиципативен настан којшто опфаќа различни културни настани во европските земји потписнички на европската конвенција за култура. Според информациите кои ги добивме, годинава на европско ниво има 70.000 настани од културен карактер и со ваквите настани се свртува вниманието на јавноста кон културата, кон културното наследство и неговата заштита, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Миљуш Божурска.

Учениците од основните училишта ќе учествуваат на настаните „Археолог на еден ден“, едукативен квиз „Археосфера“ се настаните со кои преку работилници и едукативни игри се запознаваат со историјата и наследството.

Во вторник во државното средно училиште „Киро Бурназ“ ќе се одржи промоција на три етнолошки филмови „Мека душа за тврдо железо“, „Таму негде горе во планината“ и „Голубарот“. Во среда се одржува работилницата „Детски игри од минатото“. Во четврток по седми пат се организира настанот „Сподели богатство“. Средношколци од Куманово заедно со стручните лица од кумановскиот музеј ќе го посетат локалитетот „Тумба Маџари“.

- Како целна група се децата, учениците генерално за да научат какво е значењето на нашето културно наследство. Важно е да се всади љубовта кон културното наследство од најрана возраст, изјави Миљуш Божурска.

Во петок активностите ќе бидат презентирани делата од „Ликовна колонија Куманово 2023“. Деновите на европското наследство се широко прифатен настан кој се одбележува со илјадници активности низ цела Европа. ам/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан