НУ Музеј Куманово ги повика уметниците да се пријават за учество на изложбата „Кумановски ликовни уметници 2025“
- Националната установа Музеј Куманово денеска објави повик за учество на академските уметници од Куманово, за учество на традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“, која ќе се одржи и годинава во рамки на ноемвриските денови во градот. Крајниот рок за пријавување за учество е 15 октомври годинава.
Куманово, 8 октомври 2025 (МИА) - Националната установа Музеј Куманово денеска објави повик за учество на академските уметници од Куманово, за учество на традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2025“, која ќе се одржи и годинава во рамки на ноемвриските денови во градот. Крајниот рок за пријавување за учество е 15 октомври годинава.
По повод 11 Ноември – Денот на ослободување на град Куманово, НУ Музеј-Куманово (Уметничката галерија) и оваа година традиционално ќе ги претстави кумановските ликовни уметници.

-Ова е традиционална ликовна манифестација која се реализира во континуитет повеќе децении и единствена од таков вид во градот на која се презентираат кумановските академски ликовни уметници. И годинава очекуваме добар одзив кај уметниците од Куманово. Ги покануаме сите заинтересирани да се пријават на повикот и оваа година да имаме одлична презентација на нивните дела, изјави, советник-кустос од НУ Музеј Куманово, Драгана Спасковска.
Секој учесник на изложбата потребно е да пријави едно ликовно дело, по можност неизложувано, од неговата најнова продукција. Со делото треба да бидат приложени податоци од авторот (биографија), насловот и димензиите. Изложбата ќе се реализира на 10 ноември годинава, при што ќе биде испечатен и каталог. Во текот на месец декември делата ќе бидат вратени на авторите.
Изложбата „Кумановски ликовни уметници“, традиционално се реализира од 1956-тата година до денес, во чест на Денот на ослободувањето на градот.
Изложбата е дел од програмските активност на НУ Музеј – Куманово, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и градоначалникот и советот на општина Куманово, а во организација на Уметничката галерија. ам/
Фото: МИА архива