Нуклеарната централа Чернобил е поврзана на украинската енергетска мрежа
- Сите објекти на нуклеарната централа Чернобил сега се напојуваат од енергетскиот систем на Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика
Киев, 20 јануари 2026 (МИА) – Сите објекти на нуклеарната централа Чернобил сега се напојуваат од енергетскиот систем на Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика.
Во соопштението се наведува дека радијацијата не ги надминува контролните нивоа и оти нема опасност по населението и животната средина.
Надворешното напојување со електрична енергија на неактивната нуклеарна централа Чернобил беше прекинато поради синоќешните руски напади, при што беа погодени објекти на енергетската инфраструктура што обезбедуваат енергија за објектите во зоната на исклучување околу централата.
Централата Чернобил, која се наоѓа северно од Киев во близина на границата со Белорусија, и понатаму е високо радиоактивна по катастрофалната несреќа во 1986 година. На објектот му е неопходно континуирано надворешно напојување со електрична енергија за одржување на безбедносните операции и за складирање на нуклеарниот отпад. ми/
фото: МИА архива