• вторник, 24 декември 2024

НСДА бара да се врати укинатиот додаток за судска служба и да се промени Правилникот за додатоци на плата

НСДА бара да се врати укинатиот додаток за судска служба и да се промени Правилникот за додатоци на плата

Скопје, 22 мај 2023 (МИА) - Да се врати исплатата на додатокот за судска служба до 35 проценти што беше укинат минатиот месец откако функционерите добија 78 проценти повисоки плати и да се промени Правилникот за додатоци на плата побараа денеска од Независниот синдикат на државна администрација, кои во име на граноковиот Независен синдикат на судска служба (НССМ) остварија средба со претседателот на Судскиот совет. 

- Денеска на барање на Независен синдикат на судска служба на Македонија остварена е средба со претседателот на Судскиот совет со причина дека минатиот месец се укина додатокот за судска служба, со самото укинување на Законот каде што именуваните функционери ги добија тие 78 проценти, се укина и одлуката за судската служба како додаток на плата што го имаа како стекнато право низ времето назад, изјави претседателот на НСДА, Горан Ристески.

Претседателката на НССМ, Јасмина Величкова, рече дека разликите во плата од судија до службеник или стручен соработник се огромни и оти на овој начин не можат повеќе да работат заедно со нив со оглед на тоа дека само ним им се покачува платата, а за судската служба нема ни за додатоци на плата. Претседателот на Судскиот совет, како што посочи таа, на денешната средба побарал да се стрпат до септември.

- Бараме да ни се вратат додатоците за плата уште во мај до 35 проценти, и тие додатоците да се одлучуваат до 20-ти тековниот месец. Значи од овој месец да ни се вратат додатоците до 35 проценти на судска служба, истакна Величкова.

Ристески исто така информираше дека на денешната средба со претседателот на Судскиот совет,  укажано е дека има потреба од итно неодложно менување на правилникот, и наместо процентите „од“ да се заменат со „до“.

- Воедно укажано е дека пасивното дежурство не се плаќа воопшто, додека активното дежурство е многу малку платено и од тие причини баравме да се дополни Правилникот за додатоци на плата со цел подобрување на состојбите во делот на судската служба, рече претседателот на НСДА.

За евентуалните начини на искажување на револтот, Ристески рече дека еден од видовите на покажување на незадоволството е бел штрајк, каде што се работи, како што кажа, од околу пет до шест илјади вработени, но подвлече дека со тоа ќе страдаат граѓаните.

- На денешната средба претседателот на Судскиот совет кажа дека ќе укаже на потребата од измени и дополнувања на Правилникот, но повторно произлезе дека зависи од Министерството за финансии и од Буџетот. Нас тоа не не интересира, како што не беа предвидени средства за 78 проценти за функционерите, така и нека се смени и Правилникот, па ние ќе најдеме начин како ќе го регулираме тоа, посочи Ристески. сх/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан