НОМАГАС и ДЕСФА потпишаа Меморандум за разбирање за унапредување на регионалната енергетска соработка (ДПЛ)
- Извршните директори на НОМАГАС Мухамед Елмази и на грчкиот оператор за пренос на природен гас ДЕСФА Мариа Рита Гали на маргините на деветтиот Балкански Енергетски Самит во Атина претпладнево потпишаа Меморандум за разбирање, со кој ја продлабочуваат соработката насочена кон зајакнување на регионалната енергетска поврзаност и сигурноста на снабдување со енергија, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 29 април 2024 (МИА) – Извршните директори на НОМАГАС Мухамед Елмази и на грчкиот оператор за пренос на природен гас ДЕСФА Мариа Рита Гали на маргините на деветтиот Балкански Енергетски Самит во Атина претпладнево потпишаа Меморандум за разбирање, со кој ја продлабочуваат соработката насочена кон зајакнување на регионалната енергетска поврзаност и сигурноста на снабдување со енергија, јави дописничката на МИА од Атина.
Меморандумот е врз основа на долгогодишната соработка меѓу двете компани, а беше потпишан во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и заменик-министерот за енергетика и животна средина на Грција Никос Цафос, кои исто така учествуваат на дводневниот енергетски самит.
Целта на овој Меморандум, како што информираа од НОМАГАС е да се унапреди соработката во области од заеднички интерес, во согласност со целите и принципите на страните, а Меморандумот „ја потврдува посветеноста на страните за зајакнување на нивното партнерство и унапредување развојот на одржлива и ефикасна инфраструктура за природен гас“.
Паралелно ги опфаќа областите од развој на инфраструктурата со интеграција на нови технологии, споделување на знаења во однос на регулаторски прашања, споделување на знаење во однос на техничко-технолошки новитети, споделување на практики во оперативните фази, како и соработка при оптимизација на финансиските стратегии.
Извршните директори на НОМАГАС и ДЕСФА Елмази и Гали изразија задоволство што со конкретниот Меморандум дополнително се продлабочува и зајакнува соработката меѓу двете компании.
- Овој Меморандум ја истакнува улогата на НОМАГАС во обезбедувањето на сигурно и разновидно снабдување со енергија за нашата земја, како и поддршката во енергетската транзиција. Истовремено, НОМАГАС се позиционира како клучна врска за пренос на природен гас и водород кон Западен Балкан и Европа, зајакнувајќи ги и нивните енергетски системи. Сето ова ќе се реализира преку стратешки важното партнерство со ДЕСФА, која, како енергетска поврзувачка точка ја користи својата флексибилност и капацитет, рече Елмази.
Гали посочи дека овој Меморандум за соработка претставува уште еден важен чекор во посветеноста на ДЕСФА за регионална соработка во енергетскиот сектор.
- Преку ова партнерство со НОМАГАС, ќе можеме да ги искористиме нашите заеднички експертизи и ресурси за да го забрзаме развојот на нашите национални гасни системи, како и да придонесеме за диверзификација и обезбедување на снабдувањето со енергија во Југоисточна Европа, усогласувајќи се со нашата цел, да изградиме отпорна инфраструктура и да промовираме одржлива енергетска иднина за регионот, истакна Гали.
Денешното потпишување на Меморандумот, според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, „е јасна потврда на нашата стратешка визија: да ги поврземе, да ги диверзифицираме и да ги подготвиме нашите енергетски системи за иднината“.
-Зајакнувањето на партнерството помеѓу НОМАГАС и ДЕСФА значи отворање на Северна Македонија кон нови енергетски пазари и поголема сигурност во снабдувањето, а воедно и директно ја поддржува нашата транзиција кон одржливи извори на енергија. Интерконекторот е дизајниран не само за денешните потреби, туку и за енергетската иднина, иднина во која одржливите технологии ќе играат клучна улога. Со овој чекор, не само што обезбедуваме поголема отпорност за нашата земја, туку и придонесуваме за посилен и поинтегриран енергетски регион во Југоисточна Европа, истакна Божиновска.
Заменик министерот за животна средина и енергија на Грција Никос Цафос рече дека потпишувањето на Меморандумот „претставува важен чекор за енергетската соработка во нашиот регион“.
- Ова партнерство не само што ја зајакнува врската помеѓу Грција и Северна Македонија, туку и ја потврдува нашата заедничка посветеност за енергетска сигурност и диверзификација. Гасоводот Грција – Северна Македонија е стратешки проект кој ја зајакнува отпорноста и поврзаноста на нашиот регион, ги проширува економските и инвестициски можности, и ја потврдува Грција како клучна поврзувачка точка за Југоисточна Европа. Со заедничка работа и искористување на нашата експертиза, ги градиме темелите за побезбедна и одржлива енергетска иднина, истакна Цафос. ср/са/
Фото: МИА/ НОМАГАС