• среда, 25 декември 2024

Нов бран на левицата во Латинска Америка

Нов бран на левицата во Латинска Америка
27 јуни 2022
БЕТА
Латинска Америка со победата на левичарските политичари во голем број земји, е погодена од нов бран, како одговор на економските тешкотии влошени од пандемијата со Ковид-19. Новите левичарски политичари, сепак, се разликуваат од претходните бранови на левицата или постоечките авторитарни левичарски режими во регионот, ги пренесува оценките на светските медиуми „Радио Слободна Европа“ (РСЕ). По изборот на левичарски лидери во Аргентина, во Мексико, во Чиле и на крај на 18 јуни во Колумбија, новиот политички бран ја зафати Латинска Америка, каде според агенцијата „Франс прес“, економските проблеми се влошени со пандемијата на Ковид-19. Во Колумбија, ова свртување кон лево е без преседан, откако за претседател беше избран Густаво Петро, првиот левичарски претседател во историјата на земјата. Бранот на свртување во лево ќе биде речиси целосен доколку поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој е фаворит во анкетите, го победи актуелниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонар на изборите во октомври. Пред првпат да дојде на власт во Колумбија, левицата веќе се врати во Аргентина, во Боливија, во Чиле, во Перу и во Мексико, наведува АФП, посочувајќи дека тоа се лидери кои имаат сосема различни профили, но генерално се далеку од радикалната левица што долго е на власт во Куба, во Венецуела или во Никарагва. Победата на поранешниот герилец Густав Питер во Колумбија, незамислива пред само една генерација, е впечатлив пример за тоа како пандемијата ја трансформира политиката на Латинска Америка, пишува Вашингтон пост. Пандемијата ги погоди економиите во регионот потешко од кое било друго место во светот, истиснувајќи 12 милиони луѓе од средната класа во рок од една година, пишува весникот, додавајќи дека гласачите ги казнуваат оние на власт затоа што не успеале да ги спасат од сиромаштија. Победникот е латиноамериканската левица, разновидно движење, што сега може да го преземе водството во тој дел од светот. Во Перу, гласачите минатата година избраа учител, марксистот Педро Кастиља. Во Чиле, кој претставуваше модел на слободен пазар во регионот, 36-годишниот поранешен студентски активист Габриел Бориќ ја врати левицата на власт. И сега тоа се случи во Колумбија, каде што левицата долго време, во текот на децениските крвави конфликти, беше поврзана со герилските движења. Сега сите очи се вперени во Бразил, најголемата земја во Латинска Америка, бидејќи победата на Лула би значела дека сите најголеми земји во регионот, вклучувајќи ги Мексико и Аргентина, се предводени од левичарски претседатели. Од Богота до Сантијаго, голем број гласачи повеќе не го прифаќаат аргументот дека вртењето лево значи владеење на Хуго Чавез или Фидел Кастро. Ова е делумно затоа што денешните латиноамерикански левичарски лидери изгледаат и звучат многу поинаку од оние од минатото, истакнува „Вашингтон пост“. Наместо да градат нафтена економија, како во Венецуела, тие сакаат да изградат обединет фронт против климатските промени. Тие, исто така, се обидоа да се дистанцираат од мачизмот на претходните левичарски епохи, освојувајќи ја власта со ветување дека ќе ги заштитат правата на жените, ЛГБТ луѓето и афро-домородните заедници. Тие се поддржани од млад, политички ангажиран електорат, кој во изминатите години во голем број излезе на улиците за да протестира против нееднаквоста. Нивниот успех ја одразува и социјалната трансформација во претежно католички регион, каде феминистичките движења ги охрабрија Колумбија, Аргентина и Мексико да го декриминализираат абортусот. Некои земји ја следат Колумбија во унапредувањето на правото на евтаназија, а Чиле ги призна истополовите бракови минатата година. Актуелниот политички тренд во Латинска Америка е фундаментално различен од „розовиот бран“ што го зафати регионот во на почетокот од 21 век, кога гласачите ги избраа левичарите во Бразил, во Аргентина, во Чиле и во Еквадор, наведува „Волстрит џурнал“. Тогаш, лидерите често беа обединети и работеа заедно. Извозот на основни материјали и храна ги полнеше државните каси, додека венецуелскиот тврдокорен Чавез ги предводеше левичарските сојузници во отфрлањето на САД, формирајќи меѓународни тела за да се спротивстават на Организацијата на американските држави и на Обединетите нации, за кои тие сметаа дека се под влијание на Вашингтон. Овој пат, левичарските лидери во земјите од Чиле до Мексико често имаат различни ставови за различни прашања – од климатските промени до абортусот и до односите со Вашингтон. Мексиканскиот претседател е конзервативен за социјалните прашања, додека младиот лидер на Чиле сака да го легализира абортусот и да ги поддржи правата на трансродовите лица. Новиот колумбиски претседател сака транзиција од фосилните горива, додека Лула да Силва, кој е фаворит за октомвриските избори, ја посочува неговата земја како нафтена сила. Додека во Латинска Америка поголем број земји сега се помалку отворени за соработка со САД, или во некои случаи се отворено антагонистички расположени, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден има допирни точки со некои од лидерите во прогресивната политика. Во Чиле, претседателот Габриел Бориќ се залага за силна заштита на животната средина, со цел да се одговори на климатските промени, го поддржува абортусот и работи на ставање крај на разликите во платите меѓу половите, а исто така ги критикуваше режимите во Куба, во Никарагва и во Венецуела, кои сите се противници на САД. По победата, новиот колумбиски претседател изјави и дека сака неговата земја да стане модел за зелена транзиција, која ја гледа како камен-темелник на регионалната дипломатија и економскиот менаџмент, а сака и да разговара со Бајден за климатските промени. По серијата победи на левицата, може да се заклучи дека Латинска Америка решително се врти на лево, но попрецизна интерпретација на трендот би била гласачите да ги казнуваат сегашните лидери и да продолжат да го прават тоа додека не се подобри животниот стандард се наведува во уводникот на „Фајненшл тајмс“. Најголемиот проблем на Латинска Америка е постојано слабиот економски раст и недостатокот на конкурентност. Пандемијата го погоди регионот потешко од кој било друг, но и пред тоа значително заостануваше зад другите пазари во развој, за што се обвинуваат лошите инвестиции, лошата инфраструктура, бирократијата, лошите даночни системи и несоодветното образование. Изборот на популисти или идеолози нема да помогне, заклучува „Фајненшл тајмс“ во уводникот, додавајќи дека е потребен трпелив, одлучен консензус за да се дизајнираат и спроведат реформите насочени кон економски раст преку неколку влади.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан