• понеделник, 23 декември 2024

Нов албум на починатиот пејач Принс

Нов албум на починатиот пејач Принс
Лос Анџелес, 9 април 2021 (МИА) - Издавачката куќа „Сони“ објави дека следниот албум на Принс - „Welcome 2 America“ ќе излезе на 30 јули, пет години од смртта на познатиот американски музичар. Албумот од 2010 година е пронајден во студиото на поп-пејачот во Минеаполис, Минесота, САД. Во таа просторија се наоѓаат голем број демо-снимки, недовршени песни и снимки во живо. Принс почина на 21 април 2016, на 57 години. Вешто ја одржуваше легендата за неговото скриено музичко богатство додека беше жив. Во 2014 година, музичарот рече дека никогаш не им ги давал своите најдобри песни на издавачите. Американската телевизиска мрежа Си Би Ес имаше пристап до збирка од 12 песни и в недела ќе му посвети емисија за тоа. Во својата најава за новиот албум, „Сони“ ја цитираше изјавата на Принс од 2010 година: „Светот се напнува поради дезинформации. Визијата за иднината на Џорџ Орвел е тука. Ние си должиме на самите себе да останеме цврсти во нашата верба да ги надминеме тешките времиња кои претстојат“. Покрај албумот, ќе биде објавен и неговиот концерт во Лос Анџелес од 2011 година. Принс или „детето од Минеаполис“ беше еден од најголемите музичари во 80-те и 90-те години на минатиот век, со хитови како „Cream“ и „Kiss“ во коишто вметнува рифови со гитари со поетски стихови и ритам на фанк. Многумина сметаат дека неговиот најголем хит е „Purple Rain“. Тој е автор на стотици песни и добитник на шест музички Греми награди и еден Златен глобус, како и престижниот Оскар за оригинална песна „Purple Rain“ за филмот „Пурпурен дожд“ од 1985 година. си/гт/

Остани поврзан