• четврток, 26 декември 2024

Новоформираните тутунски здруженија бараат зголемување на цената на тутунот за 35 отсто

Новоформираните тутунски здруженија бараат зголемување на цената на тутунот за 35 отсто

Прилеп, 11 март 2023 (МИА) - За преку 35 отсто треба да се зголеми цената на тутунот за да има реална исплатливост и повисоки цени за новата реколта. Понуденото зголемување за 20 отсто нема да донесе повисоки цени, зашто 60 отсто од родот се проценува во втора класа, сметаат новоформираните тутунски здруженија. Реагираат дека, наводно, им се нудат договори претходно потпишани.

Васко Јосифовски од тутунското здружение „Тутунска надеж“ изјави дека зголемувањето од 20 отсто што го бара Сојузот на земјоделските здруженија нема реално да ја зголеми цената на тутунот.

-Новоформираните здруженија и здружението „Тутунска надеж“ сметаме дека не може ништо да се постигне со предложеното зголемување од Сојузот на земјоделските здруженија за 20 проценти. Тоа зголемување може да доведе тутунарите на крајот да завршат со намалена просечна цена од 277 денари, а не зголемена. Ова е вака, зашто процентуалната застапеност на тутунот, според класи, е дека 60 отсто оди втора класа, 15-тина проценти во прва и останатото во трета класа. Имајќи предвид дека чинењето на производството на тутун е 240 денари, плус околу 30 проценти некаква заработувачка, минимална, за тутунопроизводителот, тогаш ќе добиеме цена од 312 денари за килограм. Говориме за нормална проценка, знаејќи дека зголемувањето на цените на тутунот не смеат да бидат под 35 до 40 проценти за да имаме реална проценка и колку толку заработувачка и задоволни тутунопроизводители, рече Јосифовски.

Според него дека дел од тутунарите добиваат веќе потпишани договори без можност да одбијат.

- Односот на откупувачите денови е таков при што многу тутунари добиваат веќе потпишани договори, со иницијали, без можност да ги одбијат. Ги собираме податоците и ќе ги доставиме до Државниот земјоделски инспекторат, вели Јосифовски.

Моменталната цена на тутунот е 300 денари за прва, 240 за втора и 180 денари за трета класа. Во ек е подготовката за расадопроизводството за новата реколта. Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија упати апел до тутунарите да не ги потпишуваат договорите што им се нудат со досегашни цени и бара зголемување за 20 отсто. ем/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан