• понеделник, 23 декември 2024

„Новоматик Македонија“ стана генерален спонзор на фудбалскиот клуб „Вардар“

„Новоматик Македонија“ стана генерален спонзор на фудбалскиот клуб „Вардар“

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Компанијата „Новоматик Македонија“ стана генерален спонзор на фудбалскиот клуб „Вардар“, за што попладнево во Скопје беше потпишан договор.  

Марија Митреска како претставник на компанијата, информираше дека одлучиле со финансиска програма од еден милион евра годишно, да го поддржат фудбалскиот клуб. Таа нагласи дека со оваа многу важна одлука, продолжува партнерството со заедницата и поддршката за македонскиот спорт.

-Со две илјади вработени веќе 18 години сме присутни на домашниот пазар на игри на среќа и даваме сериозен придонес во развојот на македонската економија. Никогаш не отстапуваме од корпоративното мото, секогаш општествено одговорна компанија. Сакаме да потенцираме дека како генерален спонзор не се амбицираме да ја преземеме и управата на клубот, туку единствено ќе номинираме наш претставник, кој ќе врши надзор на финансиското работење на фудбалскиот клуб, појасни таа.

Митреска рече дека „Вардар“ е вистинска гордост на македонскиот спорт и претставува синоним за фудбалска традиција во регионот и пошироко.

Основан во далечната 1947 година, таа додаде дека „Вардар“ е симбол на најголемите македонски спортски успеси. Со освоените 11 национални првенства и пет национални купови, додаде таа, „Вардар“ е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб, што отсекогаш бил расадник на млади таленти, кои подоцна доживеале балканска и светска слава.

Таа истакна дека затоа, им претставува огромна чест, што, на дресовите на овој македонски спортски великан, ќе стои логото на компанијата.

Нема никаква дилема, подвлече Митреска, дека поддршката на професионалниот спорт значи и сериозен придонес во правилниот развој и воспитување на младите. Бидејќи, како што потсети таа, младите генерации гледаат свои идоли во професионалните спортисти и вообичаено се идентификуваат со индивидувални и колективни спортски успеси.

-Морам да потенцирам дека лојалноста, посветеноста и борбениот дух на верните навивачи „Комити запад“, особено нѐ инспирираа да ја донесеме оваа важна одлука. Искрено веруваме дека ова наше партнерство ќе донесе нова ера на спортски успеси на „Вардар“, што долго ќе се паметат, изјави таа, нагласувајќи дека ќе бидат среќни, ако оваа одлука биде мотив и за други компании да го следат примерот и да дадат свој придонес во развојот на македонскиот спорт, што е многу важен сегмент за среќна и задоволна нација.

Изразувајќи благодарност, претседателот на фудбалскиот клуб, Милорад Миленковски рече дека е ова многу значајно за нив и долго време чекале на вакво нешто. Дека се гордеат со ова, дека клубот добива нова светла иднина, а ова, како што нагласи, е заедничка победа на сите.

Договорот е потпишан на една година. бд/ев/

Фото: МИА/Новоматик

Остани поврзан