• сабота, 23 ноември 2024

Нови 24 случаи на вирусот Западен Нил во Грција, за една седмица починаа три лица

Нови 24 случаи на вирусот Западен Нил во Грција, за една седмица починаа три лица

Атина, 29 август 2024 (МИА) – Во изминатата седмица во Грција биле потврдени 24 нови случаи на вирусот Западен Нил, додека пак починале две лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ),  јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на сезоната заклучно со вчера напладне вкупниот број на заразени е 124, а регистрирани се вкупно 15 смртни случаи на возраст меѓу 61 и 92 години.

Дополнително во изминатиот период постојат и три увезени случаи од Албанија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, кои не се опфатени во анализите на ЕОДИ.

Потврдени случаи на вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, има речиси во цела Грција, во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Вирусот во земјата е присутен во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51. 

Лани, во Грција биле регистрирани 162 случаи, а од Западен Нил починале 23 лица. 

Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули. ср/сд/

Остани поврзан