• среда, 25 декември 2024

Нови книги во аудио формат и со Брајово писмо во библиотеката „Искра“ од Кочани

Нови книги во аудио формат и со Брајово писмо во библиотеката „Искра“ од Кочани

Кочани, 21 октомври 2023 (МИА) – Бибиблиотечното катче за слепи и слабовидни лица во библиотеката „Искра“ од Кочани е збогатено со нови книги во аудио формат и пишувани со Брајова aзбука. Набавени се во рамки на проект што институцијата го реализираше во соработка со Здружението на слепи од Кочани.

Книжниот фонд наменет за лицата со оштетен вид во библиотеката беше скромен, а набавката на нови дела ќе овозможи тие да се запознаат со творештвото на домашни и роднокрајни автори, меѓу кои е и драматургот Сашко Насев, кој има кочанско потекло.

- Проектот со којшто аплциравме во Министерството за култура беше одобрен и финансиски поддржан. Набавивме седум дела напишани со Брајова азбука, односно се работи за драми, пиеси и новели на Насев, што се наменети за повозрасните читатели. Внимававме да бидат задоволени потребите и на учениците, па за нив обезбедивме аудио книги, главно лектирни изданија од прво до петто одделение. За најмладите набавивме сликовница која има класичен и аудио формат. Свесни сме дека ова не е доволно, но во иднина ќе продолжиме со слични активности, истакна Мара Анастасова, виш библиотекар во „Искра“.

Паралелно со набавката на аудио и книги со Брајово писмо, во соработка со Здружението на слепи, ќе се направат напори за набавка на современи уреди и техника за библиотечното катче за слепи и слабовидни лица.

Иако промоцијата на проектот се одржа по Меѓународниот ден на слепи и слабовидни, беше нагласено дека не само на тој ден, туку преку целата година треба да им се посветува внимание на овие лица и да се почитуваат различностите, што беше и мото на проектот. та/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан