Нови активности за унапредување на соработката меѓу Уставниот суд и германската фондација ИРЗ
- Беа разгледани и утврдени приоритетните насоки за идната соработка, вклучително и организацијата на регионална конференција во коорганизација со ИРЗ, во рамки на проектот „Поддршка на работата на Уставниот суд“, како дел од пошироките активности за регионална соработка во Западен Балкан. Конференцијата ќе овозможи платформа за стручна размена и унапредување на соработката меѓу уставните судови од земјите од словенското говорно подрачје.
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска оствари работна средба со делегација на германската Фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), во состав: Штефан Пирнер, раководител на проектот за Западен Балкан и Арнд Волер, самостоен менаџер на проектот.
Во рамките на средбата, како што информира Уставниот суд, беа разменети мислења и информации за тековните активности, како и за можностите за нивно натамошно унапредување и продлабочување. Беше изразена заедничка согласност за квалитетот и ефектите од досегашната соработка, која се оценува како значаен придонес кон јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на стручната експертиза.
Соговорниците ја истакнаа важноста на ова партнерство за натамошно зацврстување на улогата на Уставниот суд во обезбедувањето на владеењето на правото и заштитата на уставноста, законитоста и човековите права, во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Во тој контекст, беа разгледани и утврдени приоритетните насоки за идната соработка, вклучително и организацијата на регионална конференција во коорганизација со ИРЗ, во рамки на проектот „Поддршка на работата на Уставниот суд“, како дел од пошироките активности за регионална соработка во Западен Балкан. Конференцијата ќе овозможи платформа за стручна размена и унапредување на соработката меѓу уставните судови од земјите од словенското говорно подрачје. мч/дма/
Фото: Уставен суд