• четврток, 26 декември 2024

Новите амбасадори во Кина, Бразил и Германија ги претставија платформите за дипломатските активности

Новите амбасадори во Кина, Бразил и Германија ги претставија платформите за дипломатските активности

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) – Пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика денеска своите платформи за дипломатските активности ги претставија вонредните и ополномоштени амбасадори на Северна Македонија во Народна Република Кина, Сашко Насев, во Федеративна Република Бразил, Игор Попов и во Сојузна Република Германија, Илбер Села.

Новиот амбасадор во Кина, Сашко Насев истакна дека треба да се либерализира визниот режим со оваа земја.

-Треба да работиме да го либерализираме визниот режим, бидејќи меѓу 20 и 30 илјади туристи годишно побаруваат туристички визи, олеснувања за добивање на македонски визи. Кина во последните 30 години е секогаш меѓу десетте најзначајните економски партнери на нашата држава. Трговската размена е околу една милијарда долари, од кои имаме дефицит речиси 800 милиони долари, рече тој.

Нашата задача во Пекинг, потенцира Насев, ќе биде да иницираме поголеми економски промотивни активности и некаков тип на претприемничка иницијативност затоа што, како што рече, треба да се работи пред се и над се за намалување на огромниот трговски дефицит. Ние извезуваме во Кина најчесто тутун и вина и некои ситни работи, а увезуваме се – од пластични шишиња преку алуминиум до супер луксузна технологија. 

Тој изрази надеж дека ќе имаме можност да ја возобновиме и собраниската соработка. -Ќе ми биде мило, еве од овде, првпат да се остварат таков тип на контакти, бидејќи на тоа нема да се гледа како некоја жестока политичка ангажираност, рече Насев.

Новиот амбасадор во Бразил, Игор Попов истакна дека треба да обрнеме големо внимание на развој на односите со оваа држава.

Потенцира дека во Бразил треба да се постави земјоделско аташе, експерт кој ќе работи не само на подобрување на квалитетот, континуитетот на размената, но и на зголемување на увозот и стимулирање на нашите партнери во инвестирање во таканаречените нови агро слободни зони.

-Владата да одлучи да прати еден експерт кој што би бил специјален советник за Меркосур и целата територија на Латинска Америка. Меркосур и ЕУ моментално се во една позиција на стагнација на преговорите. Ќе гледаме соработката да не биде само за обука на дипломатски професионални кадри и телата од јавната администрација, туку да го прошириме, рече Попов.

Новиот амбасадор во Германија, Илбер Села истакна дека годинашното одбележување 30 години воспоставување дипломатски односи ја гледа како нова појдовна точка за продлабочување и поткрепување на заемно корисна работа меѓу Северна Македонија и Германија. Според него, двете земји го следат општиот правец на пријателството и се стратешки насочени кон развивање на билатерални односи.

Како што потенцира новиот амбасадор, Германија е рангирана на првото место со кого Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена во последните 10 години. Посочи дека билатералната трговска размена секоја година расте во просек помеѓу 10 до 17 проценти. 

-Преку бизнис асоцијацијата во Германија, Амбасадата во Берлин да направи истражување и мапирање на компании што имаат планови или потреба за проширување на нивните деловни активности надвор од Германија со фокус кон Балканот. Во тој дел, потоа да се стапи во контакт со менаџментот на тие компании, да се посетат тие компании и да им се објаснат предностите и поволностите за инвестирање во Северна Македонија. Амбасадата да биде иницијатор, организатор на билатерални бизнис форуми заради вмрежување на компании од двете држави и промоција на инвестициските и извозните поволности на нашата држава, рече Села.

Комисискиот филтер денеска го поминаа и новите амбасадори во Србија, Никола Тупанчески, во Израел, Шпенд Садики и во Полска, Јасмин Ќахил.

Пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања се очекува своите тези да ги претстави и новиот амбасадор Романија, Андреј Жерновски. фф/нд/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан