• среда, 25 декември 2024

Новиот известител на ЕП за Црна Гора е словенечкиот европратеник Марјан Шарец

Новиот известител на ЕП за Црна Гора е словенечкиот европратеник Марјан Шарец

Подгорица, 24 октомври 2024 (МИА) - Европратеникот Марјан Шарец од партијата на европските либерали е избран за нов известител на Европскиот парламент за Црна Гора, потврди денес политичката група „Обнова на Европа“, пренесе црногорската национална телевизија РТЦГ.

Како постојан известувач, Шарец ќе го следи напредокот на Црна Гора во процесот на пристапување кон Европската Унија и подготовката на годишниот извештај за ова прашање.

Шарец изјави дека ја избрал Црна Гора затоа што смета дека е „на добар, но сè уште долг пат, кој може да биде успешно поминат со искрени намери и сериозен пристап“. Тој додаде дека ќе соработува со сите клучни фигури во овој процес.

- Одлучив да се кандидирам врз основа на претходното искуство како премиер и министер за одбрана. Секогаш ја бранев позицијата на Словенија, како и својата, дека процесот беше во застој во минатото, и сега императив е процесот повторно да се придвижи, истакна Шарец.

Тој посочи дека е корисно ако постојаниот известувач доаѓа од земја која не е директен сосед на земјата кандидат, бидејќи според него, тоа е единствениот начин да се следи процесот објективно.

- Истовремено е важно да се познава историјата на земјата кандидат, нејзините досегашни напори, како и сите недостатоци. Процесот на проширување мора да се заснова и на взаемно почитување на договорите и почитување воопшто. Како и на познавањето на специфичностите на секоја земја, додаде новиот известувач на ЕП за Црна Гора.

Шарец ќе ја посети Црна Гора следната недела, од 30 октомври до 1 ноември, како дел од Делегацијата на Европскиот парламент за стабилизација и асоцијација.

Марјан Шарец ја наследи позицијата од хрватскиот европратеник Тонино Пицула од групата на Социјалистите и демократите, кој ја извршуваше функцијата во претходниот мандат на ЕП. Во овој мандат, Пицула е известител за Србија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан