• петок, 27 декември 2024

Новиот бестселер „Само ова лето“ од Аби Хименез е романса што ќе се чита многу лета

Новиот бестселер „Само ова лето“ од Аби Хименез е романса што ќе се чита многу лета

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Романсата „Само ова лето“ од една од најталентираните нови авторки Аби Хименез излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за инстант-бестселер број 1 на „Њујорк тајмс“, кој влезе и во изборот на клубот на читатели на „Добро утро Америка“.

Магазинот „Ел“ објави дека „оваа духовита, ром-ком книга е идеално четиво за на плажа“. Од „Арс Ламина публикации“ потенцираат дека  книга што ќе се чита ова, но и уште многу други лета, зборуваат и позитивните коментари на критичарите и читателите.

Појаснуваат дека „Само ова лето“ е приказна за една летна романса, комплицирано семејство и неочекувани чувства. Џастин го следи проклетство, а благодарение на објава на „Редит“ станува вирален на интернет. Секоја девојка со која е во врска, истата секунда откако ќе раскинат, ја наоѓа својата сродна душа. Кога една жена ќе му прати порака, а го има истиот проблем, тие смислуваат план: ќе бидат во врска и ќе раскинат. На тој начин заемно ќе се ослободат од проклетството и секој од нив ќе ја пронајде љубовта на својот живот. Идејата е луда... но можеби ќе успее. Ема не планира дека нејзиното следно задолжение како патувачка медицинска сестра ќе биде во Минесота, но таа и нејзината најдобра пријателка се согласуваат дека запознавањето со Џастин е повеќе од добра прилика, особено што имаат можност да изнајмат преслатка колиба на приватен остров на езерото Минетонка.

Се очекува да биде кратко пријателство, само за летото. Но, кога се појавува токсичната мајка на Ема, а Џастин мора да преземе грижа за своите малолетни сестри и брат, одеднаш се справуваат со многу повеќе од очекуваното – вклучувајќи ги и вистинските чувства еден за друг. Што ако овој пат судбината навистина ги спојува сродните души?
 
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk. ад/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан