• сабота, 23 ноември 2024

Нова медицинска опрема за тетовската Клиничка болница, вредна 3,5 милиони евра

Нова медицинска опрема за тетовската Клиничка болница, вредна 3,5 милиони евра

Тетово, 6 февруари 2023 (МИА) - Министерот за здравство Беким Сали денеска ја посети тетовската Клиничка болница и заедно со директорот Амир Елези информираа дека се пристигнати медицински апарати во вредност од 3,5 милиони евра.  Тетовската болница се опремува со овие апарати согласно голема набавка за 14 јавни здравствени установи, чија вкупна вредност е 13,6 милиони евра.

-За Клиничка болница Тетово се обезбеди ангиограф, апарат за компјутерска томографија, мамограф со можност за биопсија, два рентген апарати, ехо дијагностика, како и два подвижни рентген апарати со дигитален детектор. Дел од апаратите се во фаза на инсталација, а некои веќе се инсталирани и подготвени за пуштање во употреба како апаратите за еходијагностика наменети за одделите урологија, гинекологија, педијатрија, радиологија, кардиологија и интерна медицина. Исто така, подготвени за употреба се подвижните рентген апарати на одделот за трауматологија и хируршките сали, како и новиот мамограф кој ќе служи за биопсија и ќе биде вклучен во скринингот за рано октривање на рак на дојка, појасни Сали.

Тој најави дека во текот на идната недела следи обука на кадарот за користење на овие апарати, а потоа ќе бидат пуштени во употреба и достапни за услуга на пациентите.

- Значајна новина што ја реализиравме со Универзитетот во Тетово, е, давање на овластувања за 20 доктори и професори кои се ментори и едукатори за нов кадар за гинекологија, педијатрија, психијатрија, општа хирургија, семејна медицина, интерна медицина. Во следниот период продолжуваме со инвестиции за унапредување на здравствената заштита на сите нивоа, додаде Сали.

Директорот на болницата Амир Елези рече дека со министерот ги детектирале најслабите точки во институцијата и заедно се нафатиле да обезбедат соодветна апаратура за услугите, кои ги користат над 200 илјади луѓе од поширокиот полошки регион.

-Со детална анализа дојдовме до заклучок дека оваа апаратура ни е неопходна за да функционираме како клинички центар. Ќе биде огромен зафат за нас, на општо задоволство на нашите лекари кои ќе се служат со оваа апаратура и на бенефит на сите пациенти коишто доаѓаат во нашата болница за услуги. Кога дојдовме да менаџирме со оваа болница и Министерството за здравство, бевме во една фаза кога имаше огромен недостиг на апаратура и тие апарати што ги имавме беа застарени и требаше да се поделат на две амбуланти. Некоја амбуланта користеше претпладне, некоја попладне, со поделени термини. Сето тоа значеше голема огромна листа за чекање кај пациентите и работа на докторите со застарени апарати, истакна Елези.

Тој рече дека во болницата има реконструкција на амбуланти во Интерното одделение, каде што ќе бидат дел од овие апарати.

-Нашите доктори ќе имаат реконструирани, реновирани амбуланти, нова апаратура и нашите пациенти ќе имаат огромна придобивка со тоа што ќе има повеќе слободни термини во најкраток можен рок, ќе се детектираат болестите и ќе се оди на лекување на истите. Како Клиничка болница, во план за оваа година ни е реновирање и адаптација на паркинг просторот во нашата болница и заедно со ставање во функција на Ургентниот центар, и тоа оди во прилог, верувам дека ќе бидеме во тек со времето и со сите процедури кои се во регионот и со светот. Имаме одличен кадар од доктори и специјалисти, сега со новата опрема, верувам дека ќе бидеме во можност да даваме квалитетни услуги, истакна директорот.

Доктор Асим Изаири, началник на Одделението за уролошка хирургија, посочи дека уште од поодамна имало потреба за ултрасонограф, кој како базична процедура ќе овозможи да ги задоволи потребите на дијагностицирањето на уролошки заболувања.

-Поточно, да се додаде и можност да се направи и биопсија на простата, која исто така е болест што е многу присутна во нашиот регион, а воедно да ги задоволи потребите за дијагностицирање на калкулозата како ендемска болест во нашето подрачје, истакна Изаири.

Медицинската опрема е набавена преку Светска банка. ас/бд/

Остани поврзан