• петок, 22 ноември 2024

Нова донација од иселеници за дебарската општа болница

Нова донација од иселеници за дебарската општа болница

Дебар, 15 декември 2023 (МИА) – Нова донација во медицински помагала и други апарати од иселеници доби Општата болница со проширена дејност во Дебар.

Станува збор за донација од иселеникот Сафет Алили, кој живее во Луксембург, преку хуманитарното здружение „Letzcare“ и Азир Сејдовски, кој живее во Германија.

Донацијата на Алили се состои меѓу другото од шест автоматски болнички кревети за лица со хендикеп, 10 инвалидски колички, 15 ролатори, четири помагала за движење, шест туш столици. Сејдовски донираше 10 апарати за кислород, една машина за перење, како и влезна врата за болницата.

- Голема благодарност за донацијата, која и е неопходна на нашата установа. Почит кон нив што не го забораваат својот роден крај и што мислат за доброто на своите сограѓани, рече директорот Јетлумт Пашоли, кој во знак на внимание и почит им додели благодарници.

Двајцата донатори најавија нова помош за болницата, која со здравствена заштита ги покрива општините Дебар и Центар Жупа, а по потреба и подрачјето на Река, општа Маврово и Ростуше, со цел, како што рекоа, поквалитетна и навремено дадена услуга.

Сафет Алили деновиве медицински помагала донираше и за Здравствениот дом „Русе Бошкоски“ во Ростуше, клиниките за онкологија, трауматологија, хирургија, ортопедија, во Скопје, како и Здравствениот дом во Виница.

Дебарската општа болница неодамна доби апарат за биохемиски анализи-UPS и уринометар донација од дебранката Нурана Ќори од САД. вт/ир

Фото: МИА

Остани поврзан