• понеделник, 16 декември 2024

Нова донација за затворот Идризово, Лога најавува подобрување на условите во затворот

Нова донација за затворот Идризово, Лога најавува подобрување на условите во затворот

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога заедно со директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу и директорот на затворот „Идризово“ Зоран Јовановски денеска присуствуваа на предавање донација за затворот. 

Министерот рече дека ова е прва пратка и најави дополнителни донации по Нова година.

- Агенцијата има добиено насоки, за сите количини што ќе бидат конфискувани, приоритет да има „Идризово“ бидејќи покрај објектите што ги исполнуваат условите, има една зграда што не ги исполнува условите, така што колку што имаме можност за помагање, ќе помогнеме, рече Лога, додавајќи дека ќе има и комбе за превезување храна, но и камион за смет.

Директорот на АУОИ, Дритон Небиу рече дека донацијата се состои од секаков вид санитарија и друг вид материјални средства што можат да им бидат од полза на затворениците и на вработените за да има подобри услови во овие институции. 

По барање на министерот Лога, донирани се и плакари за чување храна и облека за затворениците. 

Според директорот на затворот Идризово,  со донацијата ќе ги подобрат условите и за вработените и за затворениците.

Во врска со изјавата на народниот правобранител Насер Зибери дека е употребена прекумерна сила кон затворениците од страна на полицијата во октомври, Јовановски рече дека претресот бил направен од страна на МВР.

- Претресот беше направен од страна на МВР и сите прашања би требало кај нив да ги упатите. Ние сме Управа на затворот и постапуваме по нашите правила и закони, рече Јовановски. сх/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан