• понеделник, 23 декември 2024

Нова демократија победник на изборите во Грција

Нова демократија победник на изборите во Грција

Атина, 25 јуни 2023 (МИА) – Нова демократија со потребното парламентарно мнозинство за формирање еднопартиска влада, Парламент со осум партии, 13 отсто од гласовите и 35 пратенички места отидоа кај радикално десничарски партии, а место во Парламентот обезбеди и досега непознатата Спартанци, поддржана од осуден поранешен член на Златна зора, покажуваат резултатите од парламентарните избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Со пребројани 91 отсто од гласовите Нова демократија добива 40,52 отсто од гласовите, 22,68 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА.

Партијата победник доби 158 пратенички места со што Кирјакос Мицотакис ќе може да формира еднопартиска Влада.

Во однос на распоредот на силите во грчкиот Парламент, СИРИЗА е втора со 17,84 проценти и 47 пратенички места, ПАСОК е на третата позиција со 11,95 отсто и 32 пратенички места, Комунистичка партија добива 7,62 отсто и 20 пратеници.

Потоа следат десничарските партии: Спартанци со 4,70 отсто и 13 пратенички места, Грчко решение 4,48 отсто и 12 пратенички места и Победа со 3,72 проценти и десет пратеници.

На последното место е Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу со 3,16 отсто и осум пратенички места. 

Од десничарските партии, Грчко решение беше дел и од претходниот пратенички состав, додека пак солунската Победа и радикалната десница Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис прв пат ќе влезат во Парламентот. 

Излезноста е официјални информации е 52,41 отсто.

На претходните избори на 21 мај годинава, Нова демократија освои 40,79 отсто од гласовите, СИРИЗА беше втора со 20,07 проценти, ПАСОК освои 11,46 отсто, а во Парламентот место обезбедија пет партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез. ср/ссм/

Остани поврзан