Новата сириска привремена влада назначи жена за гувернерка на јужната провинција
- Махитауи е третата жена која добива јавна функција од привремената сириска влада откако режимот на Асад беше соборен од власт на 8 декември. Вчера, Мајса Сабрине стана првата жена на чело на Централната банка на Сирија.
Дамаск, 31 декември 2024 (МИА) - Новата привремена влада на Сирија, предводена од исламисти, назначи жена за гувернерка на јужната провинција Суејда, јави ДПА, повикувајќи се на сириската новинска агенција САНА.
Мухсина ал-Махитауи, која припаѓа на малцинството Друзи во Сирија, е избрана да управува со својата родна провинција. Таа дипломирала на Универзитетот во Дамаск и претходно раководела со голема банка во Суејда.
Регионалниот активист Ајхам аш-Шуфи ја опишува Махитауи како една од водечките фигури во протестите против режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад.
„Таа беше една од првите жени во мирното движење против владата во провинцијата Суејда“, вели Шуфи за ДПА, додавајќи дека била подложена на вознемирување од тогашните власти.
Махитауи е третата жена која добива јавна функција од привремената сириска влада откако режимот на Асад беше соборен од власт на 8 декември. Вчера, Мајса Сабрине стана првата жена на чело на Централната банка на Сирија.
Исто така, на почетокот на месецот, Ајша ад-Дибс беше назначена за раководителка на Канцеларијата за женски прашања при привремената сириска влада. ссм/
фото: ЕПА архива