• четврток, 02 април 2026

Ниеден пациент на Клиниката за онкологија не е без терапија, само еден лек за ретки болести доцни поради увозникот, тврди министерот Алиу

Ниеден пациент на Клиниката за онкологија не е без терапија, само еден лек за ретки болести доцни поради увозникот, тврди министерот Алиу

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Ниеден пациент на Клиниката за онкологија не е без терапија. Пациентите се третираат со заменска терапија зад чија комбинација стојат доктори, експерти во областа - истакна денеска министерот за здравство Азир Алиу отфрлајќи ги информациите за недостиг и на терапија за пациентите со ретки болести. 

Во одговор на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за здравство посочи дека во разговор во претставници на Клиниката за онкологија информациите дека нема терапија за пациентите се поврзува со пристапот кон пациентите и со терапиите и со законот.

- На почетокот јас реков дека мора да се смени нешто во законот за да може и предвремено, пред тие три месеци, да се отвори постапка со цел, ако нешто се случува административно или ако не се појави никој, да имаме време уште три месеци, граѓаните да не останат без терапија. Во нашиот разговор со Клиниката ни рекоа дека ниеден пациент не е без терапија бидејќи има заменска терапија со која се третираат и која тие како доктори, како експерти од областа, стојат зад таа комбинација на терапија. Ценам дека за кратко време ќе биде постапката и почната и завршена - изјави Алиу.

Тој ги отфрли, како што рече, шпекулациите за недостиг од терапија за пациентите со ретки болести посочувајќи оти се работело за еден лек, кој доцнел поради компанијата што го увезува.

- Велам не е точно и се шпекулација. За жал, понекогаш потикнати од приватниот сектор и мора да бидеме транспарентни и да ги наведеме и овие работи. Може да има ден-два во моментот додека увозниците ги увезуваат, но никако нема недостиг на лекови. Јас се заинтересирав и добив информација од институциите. Ми рекоа дека се работи само за еден лек што доцни не поради нас како институција, туку поради компанијата што го увезува - појасни Алиу.

Тој посочи дека Министерството креира пристап за отварање тригодишна постапка за набавката на лекови бидејќи терапијата кај пациентите со ретки болести зависи од повеќе индикатори, меѓу кои возраста и тежината.

- Уште еднаш напоменувам дека првпат како држава, освен што нема недостиг на лекови за пациенти со ретки болести, првпат креираме пристап или отвараме тригодишна постапка затоа што овие пациенти со ретки болести и нивната терапија зависи од неколку индикатори. Тие пациенти ги третираме од мали, од моментот кога се дијагностицира дека е пациент со ретка болест - рече Алиу.

При растот на пациентот, појасни, треба да расте и дозата, што, според него, не е предвидливо и не може да се предвиди количината потребни лекови што треба да ја има.  сс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан