• среда, 12 март 2025

Нико Гонзалес е четврто засилување на Сити, сериозна корист има и Барселона

Нико Гонзалес е четврто засилување на Сити, сериозна корист има и Барселона

Манчестер, 3 февруари 2025 (МИА) - Манчестер Сити заврши уште еден трансфер оваа зима. Нико Гонзалес ќе стане нов играч на „граѓаните“, откако беше постигнат договор.

Како што пренесуваат медиумите на Островот, Порто и Манчестер Сити се договориле за трансферот на шпанскиот играч за врска, а сумата не е мала.

Поточно, Сити мораше да ја плати откупната клаузула на Нико од 60 милиони евра. Англискиот клуб се обиде да помине со помала цифра, но од Порто биле децидни - или клаузулата, или нема да го пуштиме.

Пеп Гвардиола на тој начин доби засилување во средниот ред, но дали Нико е токму играчот што му недостасува?

Родри е повреден подолго време и ќе отсуствува уште неколку месеци, а Пеп долго време се мачи со централниот играч за врска. Сепак, Нико не е класичен заден играч од средниот ред, тој е повеќе популарна „осумка“, но може да игра и во задниот среден ред.

Засега не е познато за колку е договорот што го потпишал Нико, но она што се знае е дека Барселона ќе добие дури 40 отсто од овој трансфер.

Нико играше солидно оваа сезона во Порто, а е четвртото засилување за „граѓаните“ во овој трансфер рок. Претходно дресот на Сити го облекоа Омар Мармуш, Витор Реиш и Абдукодир Хусанов. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан