• среда, 25 декември 2024

Николоски: Надлежните да го преиспитаат работењето на Електрани на Македонија и на РЕК Битола

Николоски: Надлежните да го преиспитаат работењето на Електрани на Македонија и на РЕК Битола

27 февруари 2024 

Почитувани,

Ја продолжуваме серијата прес конференции поврзани со криминалите во Електрани на Македонија и во РЕК Битола. Би сакале да потсетиме на времето на директорувањето на Васко Ковачевски но исто така би сакал и да презентирам некои нови аргументи кои што досега не се познати во јавноста. Имено неговото директорување ќе остане запаметено како едно од најкриминалното работење во историјата на Македонија за што веќе и Државната комисија за спречување на корупција поведе постапка и достави документи до надлежното јавно обвинителство по кој што се надевам надлежното јавно обвинителство ќе постапи, а доколку не постапи сега, убеден сум дека тоа ќе го направи ослободеното јавно обвинителство после изборите на 8-ми мај оваа година.

Познати се скандалите на Васко Ковачевски поврзани со набавката на мазут, поврзани со работењето на разни компании од типот на СВ-Инвест и така натаму, кои што криминално работеа во РЕК Битола и во Електрани на Македонија. Но, исто така сакам да презентирам еден парадокс од неговото работење. Имено се работи за два тендери, внимавајте со иста вредност. Васко Ковачевски како директор во периодот кога е директор на Електрани на Македонија дозволува два договори со иста вредност. Договорите се потпишани од директорите на РЕК Битола.

Па сакаме да прашаме дали е случајно или не што иста компанија добива два договори со иста вредност, името на компанијата е РУД-КОП.

Дали случајно или не РУД-КОП добива два договори со иста вредност. Едниот договор е потпишан на 07.06.2021 година, тоа е овој договор. А, вториот договор е потпишан на 03.10.2022 година, тоа е овој договор.

Двете се со иста компанија. Првиот договор од 07.06.2021 година е за ископ на инвестициска откривка во рудник ПЈС (РЕК Битола). А, вториот од 03.10.2022 година е ископ на инвестициска откривка во рудник Брод Гнеотино (РЕК Битола).

И дотука ништо не би било спорно, она што е интересно е дека двата тендери имаат до денар иста вредност. Имено, и првиот и вториот тендер се во вредност од 708 милиони денари или некаде околу 12 милиони евра.

Ова е првиот тендер од 2021, а ова е вториот тендер од 2022.

Она што е интересно е дека вкупната единечна цена по метар кубен во првиот тендер е 1.896 денари, додека за само една година таа цена пораснала и во вториот тендер е 2.595 денари.

Односно вредноста расте некаде за 600 денари по метар кубен само за една година. И иако вредноста на двата тендери е до денар идентична, количината која што треба да се ископа секако дека не е, затоа што во вториот тендер се оди со далеку повисока цена.

Па, сакаме да прашаме дали е случајно или не, што иста компанија добива два тендери во различен временски период со иста вредност од 708 милиони денари, но во првиот случај цената по метар кубен е 1.896 денари, а во вториот е 2.595 денари.

Следната работа која што сакаме да ја прашаме, е дали е случајно или не што истата оваа компанија добива анекс и на првиот и на вториот тендер и двата анекси се во иста вредност од 120 милиони денари, односно од два милиони евра. Па, двата договори на крај се во вкупна вредност од 849 милиони и 600 илјади денари и едниот и другиот, или некаде околу 14 и пол милиони евра.

Еве го анексот од 2021 година и еве го анексот од 2022 година.

Па, јавно прашуваме, дали е случајно или не што оваа компанија е привилегирана и за разлика од други компании добива анекс во вредност од  20% од висината на договорот и анексот и во првиот, и во вториот договор е со иста вредност?

Повикуваме надлежните институции да го преиспитаат работењето на Електрани на Македонија и на РЕК Битола, како и да постапат по укажувањата на Државната комисија за спречување на корупција за работењето на претходниот директор, Васко Ковачевски за кој што веќе има, како што кажав, дознаки, односно претставки од страна на Државната комисија за спречување корупција. А, во однос на сите останати, ослободеното Јавно обвинителство и ослободените институции, после 8 мај ќе поведат соодветни постапки.

Се надевам дека институциите ќе имаат храброст и до крај ќе ја испитаат работата на Новоматрикс да проверат дали воопшто имала било каква механизација за да работи во РЕК Битола, дали има било какви квалификации за да може да работи и дали има какви било стручни вработени за да работи во РЕК Битола, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по денешната прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со тоа што РЕК Битола во време на Васко Ковачевски на иста фирма дава два тендери со исти суми, и двата со исти анекси од 20%.

Николоски истакна дека на сите овие прашања треба до крај да одговори истрагата и се надева обвинителството и судството затоа што се работи за огромен епски криминал, како и треба да се одговори на прашањето дали Новоматрикс била само за параван компанија преку која биле перени пари.

Се работи за поврзан случај, имено компанијата Новоматрикс се споменуваше и во конекција со друга компанија, СВ Инвест која е добро позната на јавноста и се работи за истиот период за време на директорување на Васко Ковачевски каде што очигледно се правеле криминални тендери затоа што тука веќе има и замрзнување на имот, потенцираше Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на набавката на возила за Електрани на Македонија во вредност од милион ипол евра истакна дека се работи за огромен криминал и посочи компаниите да бидат внимателни во каков криминал влегуваат со Електрани на Македонија и со оваа влада на заминување.

„Гледате дека се работи за огромен криминал, ни помалку ниту повеќе сега решиле ако не се лажам 60-тина возила да набавуваат во вредност од милион и пол евра што говори дека се работи за едно безочно крадење на одење и да посочам дека одговорност ќе има. Исто така да ги посоветувам оние од кои што се набавуваат возилата, два пати да отворат очи пред да ги доставуваат возилата во Електрани на Македонија и пред да потпишуваат договори затоа што истрагите ќе се сеопфатни и ќе ги опфаќаат сите кои што се дел од тоа, а тоа ги вклучува секако и компаниите кои што влегуваат во ваков криминал со Електрани на Македонија, така што овој криминал треба да се испита а компаниите да бидат внимателни во каков криминал влегуваат со Електрани на Македонија и со оваа влада на заминување“, нагласи Николоски.

Со почит,

Прес-конференција на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан