Николоски: Мицкоски ќе го предводи Републичкиот изборен штаб за следните избори
- Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за формирање на Републички изборен штаб за следните избори којшто ќе го предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а негов заменик ќе биде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, информира потпретседател на партијата Александар Николоски.

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) – Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за формирање на Републички изборен штаб за следните избори којшто ќе го предводи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а негов заменик ќе биде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, информира потпретседател на партијата Александар Николоски.
Николовски, во изјава за медиуми пред седиштето на партијата, рече дека воедно е отпочната и подготовката за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, чиј избор традиционално ќе биде направен на Изборна конвенција која што ќе се случи на 2 март 2024 година во Скопје.
-И за избор на претседател и за парламентарните избори очекуваме голема историска победа после која ќе се случат промените во Македонија и ќе се стави крај на оваа корупција, како и тонење на економијата. Победата ќе биде силна и убедлива затоа што Македонија заслужува промени и состојбата никогаш не била потешка и подраматична за нашата држава, изјави Николоски.
Седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по лидерската средба на која што беа утврдени датумите за споени претседателски и парламентарни избори – 24 април и 8 мај.
Николоски, на почетокот, посочи дека седницата започнала со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од монструозното убиство кое се случи во Скопје. сх/аа/
Фото: МИА