Николоски: Министерката треба да одговори на прашања за набавката на хеликоптерите
- Министерката за одбрана треба да одговори на неколку прашања за набавката на транспортните хеликоптери во вредност од 250 милиони евра, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при денешниот престој во Прилеп на увид на градежните работи на кружниот тек на сообраќајот во центарот на градот.
Прилеп, 15 март 2024 (МИА) - Министерката за одбрана треба да одговори на неколку прашања за набавката на транспортните хеликоптери во вредност од 250 милиони евра, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при денешниот престој во Прилеп на увид на градежните работи на кружниот тек на сообраќајот во центарот на градот.
Според Николоски, спорно е распишувањето набавка во изборен период и непознато е зошто е избрана италијанската фирма Леонардо, која според Николоски, претходно е поврзана со скандал.
-Дали воопшто Македонија во моментов има потреба од транспортни хеликоптери? За да знае јавноста, станува збор за хеликоптери кои ќе бидат за транспорт на персонал, не за борбени хеликоптери, така што одбранбената готовност на Армијата и на Македонија со ова не се подобрува. Освен тоа зошто во познат изборен период, со распишани парламентарни и претседателски избори се трошат пари. Тоа е расипништво, а може да им се дадат на општините да ги решат проблемите. Прашање е, како е избрана компанијата Леонардо од Италија која претходно е поврзана со корупциски скандал, а во овој случај решаваат да дадат ваква јавна набавка и тоа со непосреден договор, под државна тајна, без аукција, без да ги видиме понудите на другите, изјави Николоски додавајќи дека ова е расипничко трошење и ќе има одговорност по изборите.
Николоски најави дека ја подготвуваат програмата на партијата и веднаш по парламентарните избори планираат да направат ребаланс на Буџетот, за околу 250 милиони евра од капиталните расходи да се спуштат во општините и да бидат дел од пакетот за децентрализација.
-Тоа значи дека Прилеп може да очекува уште оваа година, некаде во втората половина на годината, да има дополнителни околу 4 милиони евра кои би биле за инфраструктурни проекти, рече Николоски.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, еден од приоритетите ќе биде подобро надворешно инфраструктурно поврзување на Прилеп, односно конечната изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, како и автопатско решение од Прилеп кон Битола. Партијата ќе се залага за сериозна реформа во здравството, прво за крај на криминалот и корупцијата, а втор чекор да биде регионализација и стимулирање на здравствените работници. ем/аа/
Фото: МИА