• четврток, 22 август 2024

Николоски: Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат токму сега за да може да им ги префрлиме ветените средства на општините

Николоски: Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат токму сега за да може да им ги префрлиме ветените средства на општините

Скопје, 13 август 2024 (МИА) – Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат токму сега затоа што вчера беше донесен ребалансот на Буџетот, денеска помина Законот за финансирање на единици на локална самоуправа и ние веднаш сакаме да го реализираме нашето  ветување дека ќе им пуштаме средства за општините. Оваа година за преостанатите четири месеци ќе им префрлиме 100 милиони евра, посочи вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Како што нагласи ветиле дека ќе им префрлаат средства на општините секоја година со цел да се затворат еднаш за секогаш сите инфраструктурни прашања во сите општини без разлика од која партија е градоначалникот, а за да можат да им се префрлат средства од Буџетот морало да се донесат овие законски измени.

-Идејата е после четири години веќе да не зборуваме дали има или нема неасфалтирани улици, дали во некое населено место има или нема водоводна или канализациска мрежа, дали некаде фали амбуланта, дали болницата е во добра состојба, дали има градинка или има училиште. За да го реализираме ова покрај средства потребно е да се изработат проекти, рече Николоски во гостување на ТВ Канал 5. 

Затоа велиме за да се изградат училишта, амбуланти, болници и катни гаражи во 100-процентна сопственост на државата или на општината и финансирани исклучиво од општински или државни пари ќе можат да се применуваат поедноставни постапки со цел општините да можат брзо да изработуваат планови за овие намени и брзо да ги реализираат.

Реакција за законот, како што кажа има само една невладина организација - О2 Иницијатива, која денеска можела да присуствува на собраниската расправа што првпат се случува во историјата на Собранието.

-И покрај тоа што им го понудив и ги ислушав од попладнево тераат други агенди и сакам да ги прашам дали можеби урбаната мафија стои позади нив затоа што им понудив три работи кои ги игнорираат. Прво да се изработи целосно нов закон за урбанистичко планирање, второ за двете општини каде што има најголем урбанистички хаос – Центар и Карпош, да донесеме специјални закони како што има за градот Охрид и да се стави конечно ред во урбанизмот и трето им кажав дека додека сум јас министер во овие две спорни општини нема да потпишам планови за згради за домување, појасни Николоски. 

Порача дека одредени структури во општеството создаваат хистерија во областа на урбанизмот која придонесува оние што се занимаваат со градежништво да бидат гледани како „црни ѓаволи во јавноста“.

-Во исто време понудата паѓа, побарувачката расте и во такви услови цената на становите расте и до 2.000 евра за квадрат. Легитимно е да се постави прашањето дали овие активисти кои се против носење на Детални урбанистички планови немаат позади себе  други цели со цел квадратот да стигне до 3.000 евра, а со тоа првата работа што ќе ја прават младите е да се иселуваат од земјава, потенцира Николоски.

Потенцира дека ни едно нормално семејство не може да одвои 3.000 евра за квадрат станбена површина и затоа бегаат во странство.

-Скопје го претворивме во град – држава и кога ќе го направите тоа нормално е цените на квадрат да одат до небо, а во исто време  да се губи вредноста на се што има надвор од Скопје. Затоа се соочуваме луѓе во внатрешноста на Македонија да не можат да продадат куќа за 50.000 евра, а со нив не можат да купат 30 квадрати во Скопје. Затоа не треба да глумиме екологисти и заштитници на природата, а суштината е дека го иселуваме народот, потенцира Николоски. вј/ев/

Фото: Принтскрин     

Остани поврзан