• среда, 25 декември 2024

Николоски: Двата актуелни опратора да го почитуваат Законот, од нив ќе зависи дали ќе има трет оператор

Николоски: Двата актуелни опратора да го почитуваат Законот, од нив ќе зависи дали ќе има трет оператор

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Пред да одиме кон порадикални мерки, јавно ги повикувам двата оператора кои не ги намалуваат цените, ниту ги подобруваат услугите, да го почитуваат законот и да направат договори за да им плаќаат надомест на националните телевизии кои ги емитуваат преку кабелските телевизии, рече денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Како што истакна Николоски на прес-конференција во Владата, никој не сака да види лоши сценарија, но секое трпение има крај.

Министерот нагласи и дека ако двата оператора почнат да се натпреваруваат меѓу себе со услуги и цени, простор за трет оператор ќе нема.

-Јас од првиот ден стојам зад тоа дека двата актуелни мобилни оператори, а и кабелски доминантни оператори мора да го почитуваат Законот. Во овој момент, според мене, Законот не се почитува. И она што можам да го направам и што го правам во моментов е да ги повикам да го почитуваат Законот и се надевам дека тоа ќе го направиме во добра волја со цел да има најдобра можна соработка со националните телевизии. Мислам дека лоши сценарија никој не би сакал да види каде што би оделе со казни или каде што би оделе со принудување,..., но секое трпение има крај и мислам дека во следните недели мора да се заврши - или ќе го почитуваат закони или, како и за сите други, ќе бидат преземени мерки, потенцира министерот.

Според него, Владата не планира да прави непринципиелни договори со двата оператора, ниту планира да им попушта како што попуштале претходни влади.

-Ние бараме да се почитува законот. Дополнително, уште еднаш апелирам, многу се зборува за трет мобилен оператор. Дали ќе има или ќе нема трет оператор зависи исклучиво од постојните два мобилни оператора. Доколку почнат да се натпреваруваат меѓу себе со услуги и цени, мислам дека простор за трет оператор нема. Доколку продолжат да се однесуваат дуополски, да ги креваат цените, а да ги влошуваат услугите, има огромен простор за трет мобилен оператор. Така што, одлуката е нивна, а ние ќе правиме така како што ќе диктира времето. Наша цел е граѓаните, претпријатијата и институциите да добијат поевтини услуги - да добијат за поевитна цена подобри услуги. Тоа е тоа што ние го очекуваме, нагласи Николоски. мч/нд/

фото: МИА архива и принт скрин

 

Остани поврзан