• вторник, 26 ноември 2024

Николовски со честитки за успесите и кадетската титула на кошаркарките од Крива Паланка

Николовски со честитки за успесите и кадетската титула на кошаркарките од Крива Паланка
Крива Паланка, 2 јули 2021 (МИА) - Поддршката на младите во промоцијата на спортот во нивните родни места не е само наша обврска, туку и наша огромна радост, затоа сме тука секогаш за да ги поддржиме, рече денеска на формалната средба со младите кошаркарски таленти од КК Крива Паланка, заменик претседателот во Владата, Љупчо Николовски.
Николовски упати честитки до девојките од женскиот кошаркарски клуб „Крива Паланка“, за постигнатите резултати во оваа натпреварувачка сезона, 2020/21,  пласманот во Првата женска Супер лига,  во Купот на РС Македонија, националната титула во кадетската конкуренција и изборот на петнаесеттина кошаркарки и кошаркари во младинските репрезентации што ќе ги бранат боите на државата.
-Вашите успеси секогаш не прават горди, се радувам и посакувам уште поголеми успеси во иднина. Знајте дека никогаш не сте сами и дека секогаш можете да сметате на поддршката од вашиот град, им порача Николовски.
Тој им врачи симболично спортски подароци, како и топки за игра, а кошаркарките му потпишаа еден баскет во знак на благодарност и како спомен на средбата.
Претседателот на Кошаркарски клуб Крива Паланка, Ведран Белешковски, му врачи на Николовски златен медал од освоеното кадетско првенство, заблагодарувајќи се за сите досегашни залагања за поддршка на клубот.
-Многу ни значи секоја поддршка, почитуваме сѐ што досега сте помогнале во клубот, вложување во младите е влог во иднината, а ние правиме заложби за што поголем опфат млади луѓе да се посветат на правилен раст и развој, да им отвораме врати кон нови перспективи за нивно усовршување како индивидуи. Спортистите се најголеми амбасадори на градот, на државата, а ние со гордост можеме да кажеме дека од клубот досега репрезентативниот дрес во различни категории го носат повеќе од дваесет кошаркарки и кошаркари, порача Белешковски.
Тој додаде дека Крива Паланка полека но сигурно се наметнува како кошаркарски центар.
-Дел од нашите кошаркарки до 16 години летово настапуваат на Европско првенство во Тбилиси, Грузија, оние до 14 години ќе ги бранат репрезентативните бои во Словен Градец, Словенија, затоа, благодарни сме за поддршка и продолжуваме со несмален интензитет да работиме, појасни Белешковски.ид/бт/

Остани поврзан