• сабота, 23 ноември 2024

Николовски: Со новата опрема прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки

Николовски: Со новата опрема прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Со новата опрема прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска на промоцијата на новата софистицирана опрема за ген банката сместена во просториите на Земјоделскиот институт.

Николовски истакна дека стандардизираните процедури за серолошки и молекуларни анализи, овозможуваат контрола на здравствената состојба на семенскиот материјал и утврдување на генетскиот идентитет на молекуларно ниво, со што се отстранува секаква субјективност од страна на лицето што го врши визуелниот преглед и најточно може да се утврди здравствената состојба и сортната чистота. Дополнителна придобивка за државата, како што додаде, е и тоа што со новата опрема се овозможува испитувањата кои порано биле вршени во други земји, сега да бидат изведени во матичната институција, каде и се чува семето,со што ќе се зголеми ефикасноста и че се намалат трошоците за овие анализи.

Како што истакна министерот, со новата опрема се зголемува постоечкиот капацитет на чување на семенскиот материјал од автохтоните македонски сорти и популации од голем број на растителни видови, како на активната колекција, така и на колекцијата наменета за подолготрајна конзервација, во строго контролирани услови кои одговараат на европските стандарди, како и се овозможува побрза и подобра проверка на квалитетот на добиеното семе што се подготвува за конзервација, како негово чистење од надворешни примеси, проверка на ‘ртливоста и влагата.

- Зачувувањето на сортите во ген банките е од големо значење за зачувување на растителниот агробиодиверзитет на нашата земја. Сортите на земјоделски растенија често имаат длабоки историски и културни врски со одредени рурални средини. Затоа зачувувањето на тие сорти претставува и одржување на културата, традициите и идентитетот на тие селски заедници. Дополнително, автохтоните  сорти или стари одомаќинети сорти, во текот на годините се прилагодиле на различни болести и климатски услови, потенцираше Николовски.

Тој додаде дека овие сорти во науката претставуваат сериозен извор на генетски материјал за селекција на нови сорти, отпорни на болести и штетници и адаптабилни на климатските промени.

- На овој начин се овозможува обезбедување на производство на храна на разни климатски и теренски услови, нагласи министерот и дополни дека автохтоните сорти имаат големо значење и за руралната економија, преку генерирање на приходи на земјоделските производители, кои ги промовираат и произведуваат овие сорти.

На настанот, покрај министерот присуствувааа и евроамбасадорот Дејвид Гир, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски како и директорот на институтот, Виктор Ѓамовски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање го потенцираше значењето на новата опрема со која се подига нивото на научно истражувачката дејност во сите четири институции каде се чуваат рефрентни примероци од растителен генетски материјал.

Тој посочи дека ова е многу значајно и за одржливо земјоделско производство и за обезбедување на квалитетно и стабилно производство на храна.

Ректорот Јанкуловски посочи дека ова е голем напредок за науката во нашата држава и  со вакавата софистицирана опрема националната ген банка се издига на нивото на светските ген банки.

Во моментов, во ген банката на Земјоделскиот институт  се чуваат 721 примерок од 43 ботанички видови од кои 417 житни, 202 градинарски, 77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.

Директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски искажа искрена благодарност за новата опрема, посочувајќи дека Институтот е најстарата научна иституција која следната година ќе слави 80 години постоење, а со ваквата опрема со која се модернизира ген банката, институтот ќе се вброи во листата на институции со  најсовремени лаборатории за испитување на квалитетот на семенскиот материјал.

- Овие семиња кои се чуваат во нашите ген банки, се нашиот идентитет, нашата историја, нашата традиција на одгледување на автохтони македонски сорти кои најдобро успеваат во овие климатски услови и кои во себе го имаат втакено и нашиот македонски код наследуван од генерација на генерација, истакна Николовски.

Тој нагласи дека токму затоа, ген банките се од исклучително значење за нашата држава.

- Тие се нашата ризница, нашето национално богатство кое го чува минатото, но и иднината на македонскиот растителен биодиверзитет, подвлече Николовски.

Министерот Николовски, ректорот Јанкуловски, директорот Ѓамовски и сите вработени во Земјоделскиот институт упатија, голема благодарност до евроамбасадорот Гир и Делегацијата на Европската Унија за набавката на нова современа опрема, со која помогнаа да ги постигнеме европските стандарди во нашите национални ген банки.  сан/ац/

Фото: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство

Остани поврзан