• среда, 27 ноември 2024

Николовски: Новиот модел на субвенционирање гарантира навремена исплата, парите кај сточарите за 2023 година ќе бидат целосно исплатени до крајот на месецов

Николовски: Новиот модел на субвенционирање гарантира навремена исплата, парите кај сточарите за 2023 година ќе бидат целосно исплатени до крајот на месецов

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - До крајот на оваа недела Платежната агенција до трезорот во Министерството за финансии ќе ги упати налозите за исплата на основната мерка согласно новиот модел на субвенционирање каде 30 проценти од субвенциите се исплаќаат авансно што значи дека до крајот на неделата  или најдоцна понеделник, зависно од трезорот, сточарите ќе ги имаат парите на своите сметки. Исплатата на преостанатите 70 проценти за субвенциите ќе бидат исплатени на крајот на февруари или првите денови во март.

Ова го изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски по состанокот во Министерството со здруженија на сточарите, потсекторските групи посветен на динамиката на исплатата на субвенциите и најавените мерки во делот на сточарството за 2024 година.

-Исплатата на дополнителната субвенција, односно согласно новиот модел на 70 проценти дополнителни субвенции се однесуваат на предадено производство во регистрираните преработувачки капацитети во млекарници, во кланици. Од страна на Платежната агенција веќе се прибираат податоците од кланичните капацитети и млекарниците со цел да се подготви и оваа исплата од 70 проценти за субвенциите од 2023 година и по целосната обработка на сите овие податоци во еден ден со едно решение и овие субвенции ќе бидат исплатени. Очекувам дека тоа ќе се случи или на крајот на февруари или првите денови во март зависно од административните процедури, меѓутоа во овие тековни 30 дена целосно ќе биде заокружена исплатата на 100 проценти од субвенциите за сточарите. Ова значи дека до крајот, како што реков, на овие 30 дена ќе ги добијат сите сточари субвенциите со едно решение за целосните исплати, рече Николовски по состанокот кој се одржал на барање на сточарите.

Тој потсети дека имало и години во кои сточарите многу доцна ги добивале субвенциите, но, како што нагласи, новиот модел на исплати гарантира брза и навремена исплата на субвенциите.

-Ова е година која што ја нарекуваме година на сточарството и ние и Платежната агенција ќе бидеме целосно фокусирани за што побрза исплата, потенцира министерот Николовски.

Тој укажа и на новите мерки за финансиска поддршка каде има зголемување и тоа поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци се зголемува оваа година за 300 проценти од четири на 12 илјади денари. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства одгледувачи на говеда кои сопственото производство на млеко го предаваат на регистрираните откупувачи или продале говеда во преработувачките капацитети. Се зголемува и мерката за поддршка на предадено јагне во регистриран кланичен капацитет од 400 на 1.000 денари со Програмата од 2024 година која што е веќе донесена од Владата. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства, одгледувачи на овци и кози кои имаат предадено јагне или јаре во регистрирани кланични капацитети за период 26 декември 2023 до 25 декември 2024 година.

-Зголемувањето на овие мерки за сточарите ќе има за цел да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работа на сточарите, но и на долг рок да даде резултати во зголемувањето на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо и токму затоа сите субвенции се ориентирани кон грлата коишто даваат млеко и месо согласно новиот модел на субвенционирање. Ова зголемува следува откако во 2023 година преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел на субвенционирање ставивме ред и ја добиваме реалната слика на сточниот фонд за којшто се исплаќа финансиска поддршка. Како држава годишно извезуваме околу 200 илјади јагниња, а преку овие нови мерки како Министерство очекуваме раст на бројот на извезени македонски јагниња, вели ресорниот министер.

Николовски потенцира дека оваа година креирале првпат нова мерка во Програмата за директни плаќања, односно првата агроеколошка мерка за поддршка за одржување на ливадите во висина од 6.000 денари по хектар, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта за производство за храна за добиток. Корисници на оваа мерка по европски стандарди се земјоделските стопанства кои располагаат со ливади во сопственост или, пак, со договор за закуп истите ги користат за напасување или косење. Минималната површина со ливади која што едно земјоделско стопанство треба да ја има е еден хектар.

-Оваа година го помагаме сточарството и со зголемувањето во делот на платата за овчарите. Од досегашните 360.000 денари по овчар зголемуваме на 620.000 денари, а дополнително се трга досегашниот критериум на над 700 метри надморска висина. Ваква мерка за сточарите е обезбедена преку Програмата за рурален развој помагајќи во трошоците за ангажирање на работната сила за чување и напасување на добитокот, подвелече Николовски појаснувајќи дека таа има за цел да помогне во надминување на проблемите со обезбедувањето на работната сила.

Земјоделците, сточарите биле информирани и во делот на максималниот износ на директни плаќања по корисник каде што за првпат оваа година се раздвојуваат - максималниот износ на едно земјоделско стопанство во растително и максималниот износ во сточарско производство се со цел да се зголемат инвестициите. Николовски потсети дека за млеко близу 10 милиони евра во еден ден на крајот на годината биле исплатени за седум месеци предадено млеко. За интервентниот фонд било посочено дека и оваа година како програма е предвидена и ќе се носи зависно од потребите коишто ги имаат сточарите, но и останатите сектори. За мерката за набавка на приплоден добиток која што беше распишана на крајот на минатата година, за која заврши огласот, Николовски нагласи дека има рекорден број на апликации, 194 апликации со побарување на финансиска помош од близу една милијарда денари што, вели, говори за интересот во делот на набавка на приплоден добиток и зголемување на сточниот фонд.

Станало збор и за инвестициските програми на Министерството првпат воведени минатата година како што е Програмата за грант од 10 илјади евра за набавка на опрема за малите производители на производи од животинско потекло, кои се регистирани, како и за мерката бизнис план креирана заедно со земјоделците на која можеа да аплицираат само регистрираните земјоделци. На состанокот се осврнале и на проблемот со легализацијата на сточарските фарми коишто се изградени, за што Николовски се надева дека што поскоро ќе најдат законско решение со што ќе се обезбеди понатамошен развој и инвестиции, користење на ИПАРД и на останатите фондови и во делот на сточарството.

Насер Џемаили, потпретседател на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ изјави дека денешниот сосатнок се одржал на нивно барање за повеќе прашања од нивен интерес, и при тоа изрази задоволство од соработката со Министерството и донесенети мерки за поддршка на сточарите.

-Нормално дека има и други потреби, но досега сме многу задоволни. Ни дадоа збор за плаќањата на субвенциите дека ќе бидат навреме, а тоа е многу битно за сточарите во нашата држава, вели Џамаили според кого последните две години има повеќе раст на добиток, на бројот на грла. вг/ац/

Остани поврзан