• понеделник, 23 декември 2024

Николовски: Лидерите на „Отворен Балкан“ ја потврдија заложбата за отворени граници, соработката и меѓусебната поддршка веќе даваат резултати

Николовски: Лидерите на „Отворен Балкан“ ја потврдија заложбата за отворени граници, соработката и меѓусебната поддршка веќе даваат резултати
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Лидерите на „Отворен Балкан“ уште еднаш ја потврдија заложбата за отворени граници, слободен проток на стоки, капитал и работна сила меѓу пријателските земји, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по повод дводневниот Самит што се одржуваше денеска и вчера во Охрид. Заедничката соработка и меѓусебната поддршка, оцени Николовски, веќе ги даваат првите резултати. -Тоа е мотив да продолжиме понатаму да ја зацврстуваме оваа иницијатива, отворајќи ги вратите за другите земји од Балканот да се приклучат кон неа, наведува министерот. Тој нагласува дека иницијативата „Отворен Балкан“ претставува стабилен и развиен регион, кој во сите области го подобрува животот на граѓаните. -Со оваа иницијатива ги унапредуваме процесите за регионална интеграција и воедно ги надминуваме современите предизвици пред кои моментално сме испpавени. Од убавиот Свети Наум, на маргините од самитот „Отворен Балкан“, испраќаме порака на обединетост. Заедно сплотени сите држави во регионот отвораме нови можности, ја менуваме иднината и шириме пријателство. Нашиот Охрид бил место на многу значајни настани, тука започна и Отворен Балкан, нека биде Охрид местото од каде започнува и проширувањето на оваа иницијатива со Црна Гора и Босна и Херцеговина, подвлекува Николовски. Самитот „Отворен Балкан“ заврши попладнево, а на него присуствуваа премиерите на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Лидерите ја испратија пораката дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката за поголем економски развој и остварување на европските интеграции. мч/дма/  

Остани поврзан