• сабота, 23 ноември 2024

Николовски за овчеполските протести: Сите што плаќаат, треба да добиваат вода за наводнување

Николовски за овчеполските протести: Сите што плаќаат, треба да добиваат вода за наводнување

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, во врска со протестите на земјоделците од Овчеполието, порача дека сите што плаќаат, треба да добиваат вода за наводнување.

Тој уште еднаш укажа на неопходноста од реструктуирање и децентрализација на АД „Водостопанство“ за подружниците, кои се најблиску до земјоделците и најдобро ги знаат нивните проблеми, да добијат повеќе можности и слобода во управувањето.

Како што најави Николовски, на една од владините седници овој месец ќе се одбере моделот по кој ќе се реорганизира АД „Водостопанство“. 

Според него, не смее да се дозволи АД „Водостопанство“ да пропаѓа во долгови и граѓаните да плаќаат за тоа, ниту смеат земјоделците да бидат доведени во состојба на некакво драстично поскапување на водата во сред сезона.

-Треба одговорност, чесен пристап, јасно и точно да се кажуваат работите. Со полициска контрола и мобилизација на сите институции, успеа водата да стигне до нивите. Но, врз основа на прашањата, треба да се најдат и одговорите: дали има нелегални приклучоци? Дали се троши водата за други потреби? Ние го правиме тоа што е наша обврска, да се грижиме. Му дадовме поддршка на АД „Водостопанство“ и петте метри кубни вода во секунда веќе течат низ нивите во Овчеполието, вклучително и до Ерџелија и Мустафино. Сепак, треба сите да се свесни за состојбата во која е доведено претрпијатието кое е формирано во 2015 - 2016 година. Јас воопшто не се согласувам со концептот на работа и затоа, во овој втор дел од мојот мандат, една од првите работи беше иницирање Работна група. Пред финална фаза сме, има Одлука на Влада за реорганизирање и тоа е потребно зашто е недозволивпо секоја година на неколку месеци АД „Водостопанство“ да бара пари за гориво, за нафта, за струја. Тоа значи дека или не се остваруваат приходи или се троши нерационално. На МЗШВ обврската се политките или конкретно, во случајов, како да го реформираме АД „Водостопанство“. Во август ќе се одржи тематска седница на Владата на која ќе се одбере моделот по кој ќе се реорганизира АД „Водостопанство“, а има два предлога, истакна министерот.

Тој потсети дека беа ангажирани и експерти од ЕУ за да се утврди, преку изготвување физибилити студија, што е направено во 2015 година.

-Сметам дека претпријатието треба да се децентрализира и подружниците да добијат повеќе можности и слобода во управувањето, зашто се најблиску до земјоделците и најдобро ги знаат нивните проблеми. Во делот на ценовникот, Владата дава само согласност, но по моја иницијатива ќе биде разгледан зашто треба сите да знаеме за колку се зголемуваат цените, а јасно е дека 20 години цените не се покачени. Во оваа Одлука не станува збор за зголемување на цените, туку за делумно усогласување со одредени трошоци. Од една страна не смееме да дозволиме АД „Водостопанство“ да пропаѓа во долгови и граѓаните да плаќаат за тоа, тоа треба да биде профитабилно, но од друга, не смеат да бидат доведени и земјоделците во состојба на некакво драстично поскапување во сред сезона. Ова е едно од прашањата кои ќе бидат покренати од моја страна за да ги дефинираме точните податоци и да утврдиме дали тоа ќе важи од сега или ќе се пролонгира и на кој начин ќе се обезбеди поддршка за АД „Водостопанство“, објасни Николовски.

Министерството за земјоделство, напомена, е во постојан контакт со земјоделците и Подружницата во Овчеполе.

-И овој проблем со протокот на вода од браната Калиманци до Овчеполието и во Лозово е решен. Бевме максимално мобилизирани да помогнеме. Но, мора да се дефинираат проблемите кои се јавија во текот на викендот, дали се од нелегални приклучоци, од губитоци на вода, од неправилно користење или поради лош план, дополни Николовски.

Вчера овчеполските земјоделци трет ден излегоа на блокади, а АД „Водостопанство“ го решаваше проблемот со кражби во Долни Балван. мч/лв/

фото: МИА

Остани поврзан