• среда, 25 декември 2024

Николовски: Ги поставивме темелите на системската борба против корупцијата

Николовски: Ги поставивме темелите на системската борба против корупцијата
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски во денешното гостување на „Утрински брифинг“ истакна дека изминатиот период се воспоставени темелите на системската борба против корупцијата којашто ја немало 30 години и се немало храброст за многу работи да се направат. - Оваа позиција за којашто многу очекуваа и бараа да се укине, е меѓународно признаена и на барање на меѓународните партнери и поддржувачи и во разговори со новиот мандатар имаат констатирано дека оваа позиција мора да опстои, изјави Николовски. Тој нагласи дека првпат е донесен План за борба против корупција, а веќе е подготвен и нов План за борба против корупција 2022 за наредниот период. Има 18 мерки коишто веќе се имплементирани од претходниот План, и затоа е изготвен нов План за борба против корупција, рече Николовски. - Триесет години никој немаше храброст да донесе Закон за потекло на имот. Денес ја имаме драфт верзијата којашто Совет на Европа ќе ја објави. Сега ДКСК може да води постапки само за државните функционери, не и за поранешни. Со новиот Закон за потекло на имот, за секој оној што има повеќе од 30.000 евра неоданочени приходи од претходната година може да се спроведува граѓанска постапка за проверка како е стекнат имотот. Дигитализацијата е процес на промена на 250 закони, процес што го води мојот кабинет, закони за подобрување на услугите кон граѓаните. Секаде каде што ќе го елиминираме човечкиот фактор таму сме се избориле да нема можност за корупција, рече вицепремиерот, додавајќи дека нашата земја треба да биде нов пример на дигитализирани институции и услуги во нивните работи. Николовски потенцираше дека со мерките од Планот значително е подигнато нивото на транспарентноста на Владата и институциите, за прв пат се кратат членовите на управни и надзорни одбори, во функција е системот за следење на предмети и Регистарот за вистински сопственици. - Донесовме нов Етички кодекс којшто е применлив не само за министрите туку и за сите избрани функционери, се спроведоа обуки за практична примена на Кодексот. Обврската на кабинетот што се воспостави е да се грижи за интегритетот, да иницира разрешувања и да се грижи за примената на Етичкиот кодекс. Ние воспоставивме темелни вредности, системски мерки коишто 30 години ги немаше. Сега системот е воспоставен, има силна меѓународна поддршка дека оваа позиција треба да опстои и да продолжи. После транзицијата, после режимот доаѓа време на храбри одлуки и сметам дека има генерација којашто не е должна никому, којашто е растоварена и преку вакви храбри чекори навистина може да го трансформира општеството и да збориме за владеење на правото, за законот да важи за сите, секој да плаќа данок, да нема недопирливи, да има одговорност и да има испорака на резултати, рече вицепремиерот Николовски. Тој нагласи дека воспоставиле целосен систем и очекува од новата вицепремиерка да ги продолжи мерките, испораката на позитивни резултати и носењето на храбри одлуки и закони. ир/сп/

Остани поврзан