• сабота, 23 ноември 2024

Николовски: Верувам дека Владата ќе најде решение за платите во АД „Водостопанство“

Николовски: Верувам дека Владата ќе најде решение за платите во АД „Водостопанство“
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) - Допираат информации од вработени дека не се исплатени неколку плати. Верувам дека Владата ќе најде решение, на тоа работи вицепремиерот Фатмир Битиќи, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со ситуацијата во АД „Водостопанство“. Како што објасни Николовски, платите ги исплаќа АД „Водостопанство“ кое не е орган во состав на Министерството за земјоделство. -Јас и неколку министри го отвораме постојано прашањето на Влада, зашто допираат информации од вработени дека не се исплатени неколку плати. Верувам дека Владата ќе најде решение. Ние го поддржуваме АД „Водосатопанство“ во капиталните инвестиции, во реконструкцијата и изградбата на системите за наводнување, во целосното одржување, а во тој дел предвидовме 180 милиони денари. Како што се склучуваат договорите од нивна страна, така се исплаќаат, истакна Николовски, по примопредавањето на опремата за шумската полиција од Италија. Тој потсети дека уште во 2018 година на негово барање, МЗШВ доби грант од ЕУ за реорганизирање на АД „Водостопанство“. -ИПА проектот е готов и во најскоро време ќе биде предложен модел за реорганизирање пред Владата, напомена министерот, додавајќи дека тоа ќе биде во контекст и на барањата на земјоделците кои сакаат да се врати стариот систем на водни заедници. мч/лв/    

Остани поврзан