• вторник, 24 декември 2024

Николовски-Јанев: Со заеднички акции и силна координација во борба против организираниот криминал и корупција

Николовски-Јанев: Со заеднички акции и силна координација во борба против организираниот криминал и корупција

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Директорот на Царинската управа Бобан Николовски оствари работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

На средбата, како што информира Царинската управа, Николовски и Јанев ја потенцираа својата посветеност во заедничката борба против организираниот криминал и корупцијата, како и безбедноста на граничните премини кои ќе бидат главните постулати на соработката помеѓу Царинската управа и македонската полиција. Беше договорено во периодот кој следува да се интензивира соработката на оперативно ниво со дефинирање контакт точки помеѓу двете служби со цел спроведување успешни заеднички акции.

- Истакната беше потребата од заеднички пристап во надградбата на електронските системи и размената на податоци помеѓу двете институции, како и можностите за системско поврзување на системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички на граничните премини, што ќе овозможи побрз проток на патници и стоки на границите, а ќе овозможи поефикасни контроли и секако подобри резултати во откривачките функции на институциите, се вели во соопштението.

- Ќе работиме заедно на дефинирање на точките на заедничко делување, но и разграничување на надлежностите на двете служби, при што ќе се овозможи хомогено дејствување и подобри заеднички резултати во интерес на безбедноста на граѓаните и поддршка на легалната трговија, истакна директорот Николовски. 

Директорот Јанев ја изрази својата подготвеност за размена на искуства, знаење и најдобри практики за успешно функционирање на неодамна формираниот сектор во Царинската управа за посебни истражни мерки.

- Двете служби ќе соработуваат за воспоставување на системско решение за континуирано идентификување и спроведување на заеднички обуки, кои ќе вклучат развој на превентивни мерки за намалување на криминалот, криумчарење и нелегална трговија, потенцира директорот Јанев. мд/нд/

Фото: Царинска управа 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан