• понеделник, 23 декември 2024

Нејмар се враќа во игра против Ал-Хилал во азиската Лига на шампиони

Нејмар се враќа во игра против Ал-Хилал во азиската Лига на шампиони

Ријад, 20 октомври 2024 (МИА) - Бразилскиот фудбалер Нејмар учествуваше на тренинг со својот тим Ал-Хилал и ќе се приклучи на тимот за гостувањето кај Ал-Аин во азиската Лига на шампиони откако се опорави од тешката повреда на коленото, соопшти клубот од Саудиската професионална лига.

Нејмар (32) нема играно откако се повреди за време на квалификацискиот натпревар на Бразил против Уругвај во октомври минатата година. Бразилецот заработи повреда на предните вкрстени лигаменти (АЦЛ) и беше опериран во ноември.

Откако се пресели во Саудиска Арабија од францускиот шампион Пари Сен Жермен за околу 90 милиони евра во август минатата година, Нејмар одигра само пет натпревари поради различни повреди.

-Ал-Хилал е среќен да објави дека Нејмар ќе се приклучи на тимот за гостувањето кај Ал-Аин. Тој се врати, објави клубот на социјалната платформа „X“.

Маркетиншката компанија на Нејмар - „НР Спортс“ објави дека љубовта на Бразилецот кон фудбалот и неговата надеж да игра на следниот Мундијал го враќаат во игра.

-Иако нема конечна одлука за неговото враќање на терените, бројот 10 ќе може да игра во понеделник за да ја продолжи својата извонредна траекторија. Ова беа денови на болка, мака и многу копнеж за фудбал, кои се надминати со помош на семејството и пријателите, кои секогаш се тука за нашиот број 10. И сите фанови ширум светот кои му дадоа целосна поддршка на социјалните мрежи, се вели во соопштението.

Објавата на социјалните мрежи, објавено во саботата, покажува како Нејмар зборува за неговото закрепнување и прикажува снимки од неговите напори да се врати на теренот.

-Секогаш кога ќе се повредам, се враќам. Но, не се враќам на половина пат, вели расплаканиот Нејмар во видеото. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан